Кој ги загрозил македонската самобитност и македонскиот идентитет, е прашањето околу кое и денеска двете најголеми политички партии во Северна Македонија се прозиваат откако по средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев на 13 септември беа објавени фотографии без македонското знаме.
Портпаролката на СДСМ, Боданка Кузеска, на прес-конференција на 15 септември рече дека по средбата во Софија „сите граѓани без разлика на партиската припадност се понижени и засрамени“.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Не беше предвидено фотографирање со Радев пред бугарското знаме„Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани. Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разговори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?“, рече Кузеска.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека социјалдемократите ја манипулираат јавноста, како и дека СДСМ е тој што кога е на власт „ја продава државата“.
„За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста. СДС треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ. Доколку тие имаат некаква желба да бидат конструктивни, нека престанат со клеветите и нека се посветат на реалната поддршка на македонските интереси“, реагираа од СДСМ.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Со Радев се обединивме околу најважното, европската интеграцијаПартиските обвинувања започнаа откако по средбата на Сиљановска-Давкова и Радев беа лиферувани фотографии како двајцата се поздравуваат пред бугарското и знамето на ЕУ, но без македонското знаме.
Вчера реагираше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека „за првпат во историјата, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја“.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова, пак, најавија дека денеска (15 септември) ќе побараат објаснување од бугарската страна, но потенцираа дека фотографирањето пред знамињата воопшто и не било планирано.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, соопштија од кабинетот на претседателката.
Видете и ова: „Набуко“ од Верди за затоплување на односите меѓу Скопје и СофијаСредбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев беше прва официјална откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава.
Во делегацијата со Сиљановска-Давкова беа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
Претседателката отпатува во Софија за да го проследи настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди што беше искористено и за средба со Радев.