Семејството на Махса Амини во „домашен притвор“ на втората годишнина од нејзината смрт

Од комеморативна церемонија за Махса Амини во септември 2023 година.

Безбедносните сили „го опколиле дом“ на семејството на покојната Махсе Амини во Сагез и ги спречиле да ја напуштат куќата, изјави за Радио Фарда извор близок до семејството.

Изворот тврди дека семејството добило повик од Министерството за разузнавање во кое им било кажано да не излегуваат од куќата. Доколу излезат, пак, според тврдењата на изворот, им било пренесено дека ќе бидат уапсени.

Изворот, исто така, рече дека можеле да слушнат како хеликоптери летаат над Сагез.

Ваквиот повик до семејството доаѓа за време на втората годишнина од смртта на студентката Махса Амини која почина во притвор, што предизвика масовни протести против естаблишментот низ Иран.

Видете и ова: Пет ирански активистки осудени на 20 години затвор

Таткото на Амина, Амјад Амини, минатата недела за Радио Фарда изјави дека семејството има право и се надева дека ќе ја одбележи годишнината доколку властите го дозволат тоа.

Во изминатите два дена, наводно, биле уапсени неколку членови на семејствата на лица кои загинаа за време на задушувањето на протестите од страна на властите.

22-годишната Амини почина во притвор откако беше приведена од полицијата за морал поради наводно прекршување на правилата за облекување. Властите тврдеа дека таа починала поради медицински проблеми, но нејзиното семејство и сведоците кои се најдоа на местото на нејзиното апсење изјавија дека била претепана од полицијата и починала како последица на повредите.

Случајот предизвика масовни протести, илјадници Иранци излегоа на улиците да бараат повеќе слободи и права за жените.

За движењето кое стана познато како „Жени, живот, слобода“, Иранците велат дека остава неизбришлив белег на јавен пркос во земјата. Набљудувачите сведочат дека тоа претставува една од најголемите закани за исламската влада по Револуција во 1979 година.