Претседателот Володимир Зеленски повторно ги повика САД и другите сојузници „навремено да ги спроведат“ договорите за оружје и други набавки за да и помогнат на неговата држава да се бори против руската инвазија.
Во последната видео-порака објавена ноќта на 14 септември, тој рече дека „од клучно значење е сите држави, а особено САД, навистина брзо да ги спроведат договорите постигнати со Украина“.
„Тоа треба да се почувствува на фронтот. Секое доцнење со воените пакети има негативна последица на фронтот. Секоја навистина навремена и брза испорака има позитивно влијание“, рече Зеленски.
Видете и ова: Бауер: Украина има добра воена причина да напаѓа подлабоко во РусијаДодека продолжуваат меѓународните напори за воено снабдување на Украина, НАТО се соочува со зголемени повици меѓу своите членки за укинување на ограничувањата за тоа каде украинските сили може да го користат оружјето што го добиваат од Западот, но и со повици да се испорачува пософистицирано оружје.
Киев постојано вели дека треба да биде способен да изведува удари со подолг дострел на руска територија за да се одбрани од инвазијата на руските сили, аргумент што наиде на одредена поддршка меѓу претставниците на НАТО.
Украина не е дел од НАТО, но Алијансата во јули соопшти дека постсоветската земја е на „неповратен пат“ кон членство.
Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа на 13 септември за да разговара дали да го одобри барањето од Киев за оружјето.
Велика Британија, наводно, е сè поблиску до одлука да и дозволи на Украина да ги користи нејзините ракети за напад на руска територија.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на 14 септември изјави дека Бајден е „решен да ги искористи четирите месеци [што му преостанаа на функцијата] за да ја стави Украина во најдобра можна позиција за да победи“.
Путин претходно оваа недела рече дека Западот ќе биде „во војна“ со Русија ако и дозволи на Украина да нападне со ракети со долг дострел произведени од Запад, додека Медведев на 14 септември изјави дека Русија може да го уништи главниот град на Украина, Киев, со нуклеарно оружје, доколку Западот ги укине своите ограничувања.
Видете и ова: Медведев се закани дека можен нуклеарен удар ќе го претвори Киев во „сива точка“ на картатаЗеленски во обраќањето на 14 септември изјави дека разговарал со делегација членови на американскиот Конгрес и „ги информирал за моменталната ситуација и изгледите“.
Дебатата околу прашањето за користење на оружјето, се заостри по ненадејниот упад на украинските сили во регионот Курск во Русија кој се смета за обид за зајакнување на позицијата на Киев пред потенцијалните разговори за прекин на огнот.
Украинскиот премиер Денис Шмихал минатата недела изврши притисок за втор голем меѓународен мировен самит за кој рече дека се надева оти може да привлече најмалку 150 земји. Сличен таков настан се организираше во Швајцарија во јуни.
Инаку, во новиот бран руски напади во текот на ноќта помеѓу 14 и 15 септември, украинските власти соопштија дека брачна двојка е убиена во јужниот регион Одеса.
Украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 10 од 14 беспилотни летала што ги лансирала Русија. Таа, исто така, наведе дека два балистички проектили „Искандер“ и наведувачка ракета, од кои втората била соборена, ја погодиле Одеса.
Зеленски наведе дека Русија истрелала околу 30 проектили, повеќе од 800 наведувачки бомби и речиси 300 беспилотни летала кон Украина во изминатата недела.