Не било предвидено фотографирање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во затворениот простор, тврдат од кабинетот на шефицата на државата откако по вчерашната средба во Софија беа објавени фотографии од двајцата претседатели на кои го немаше македонското знаме туку само бугарското и знамето на ЕУ.
Неистакнувањето на државното знаме на Северна Македонија од страна на бугарските домаќини предизвика реакции во јавноста, а опозицискиот СДСМ го оцени како „понижување и дипломатски дебакл“.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова велат дека сакаат да веруваат дека „се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното“.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, соопштија од кабинетот на претседателката.
Оттаму велат дека утре (15 септември) ќе побараат објаснување од бугарска страна.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Со Радев се обединивме околу најважното, европската интеграцијаСиљановска-Давкова и Радев на 13 септевмри ја имаа првата официјална средба откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека за време на оваа посета се случило „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.
„За првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување“, реагираше Филипче преку објава на Фејсбук.
Инаку, покрај шефот на дипломатијата, во делегацијата со Сиљановска-Давкова беше и министерот за култура Зоран Љутков.
Претседателката отпатува во Софија за да го проследи настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди што беше искористено и за средба со Радев.
Видете и ова: „Набуко“ од Верди за затоплување на односите меѓу Скопје и СофијаРадев и неговата сопруга требаше да бидат во публиката со Сиљановска-Давкова и да го проследат настапот на македонската опера, меѓутоа поради несреќата во Бугарија во која се урна воен авион за време на вежба и загинаа двајца пилоти, бугарскиот претседател и првата дама не присуствуваа на настанот.
„Обајцата се извинија за спреченоста“, велат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претседателката по стапувањето на функцијата најави дека ќе ја користи т.н. културна дипломатија за зближување на државите, па патувањето во Софија следуваше откако на Мајските оперски вечери во Скопје таа присуствуваше на настапот на бугарската опера со вагнеровата „Валкира“.