Скопски велосипеди на „третман за разубавување“

Ликот на велосипедите го менуваа артистите Ертунч Сали, Сања Симоска и Бранкица Јордановска.

Освен што се следи моменталната инспирација на уметниците, овде се почитуваат и желбите на сопствениците на велосипедите, велат артистите.

„Нивни си се, тие ќе си ги возат, секако дека ги слушаме. И баш ќе ми биде мерак кога ќе сретнам некој од овие луѓе на улица, а знам дека си заминал задоволен бидејќи неговиот велосипед добил нов лик“, вели ликовната уметница Бранкица Јордановска.

„Имав желба да го средам велосипедот и сакав да добие друг дизајн. Многу ми се допаѓа, ги ставија баш моите омилени бои. Можеби понатаму ќе додадам само уште некоја лепенка“, вели скопјанката Стефани Маневска.

Освен велосипеди за возрасни, уметниците боеја и детски велосипеди.

„Многу ми е убав бидејќи сега ги има моите омилени бои. Претходно беше розов, а таа е боја што не ми е баш омилена“, ни кажа шестгодишната Саша.

Другарките Саша, Силвија и Марија, со нивните стари велосипеди, но со нов изглед.

Уметниците работеа од 11 до 18 часот, во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“.

Уште еден од над триесетте велосипеди со променет изглед.

Пријавените добија бесплатен арт третман на велосипедите.

Работилницата го најави фестивалот за дизајн „Skopje Design Week“. Мотото на овогодинешното издание е „За новата генерација на Скопје“!
 

Над триесетина скопјани добија нов изглед на нивните велосипеди, откако се пријавиле на бесплатната работилница за „Козметички третман на велосипед“ што се одржа денеска (14 септември) во Скопје.