Европската унија го осуди неодамнешниот наводен трансфер на ирански балистички ракети во Русија и размислува за нови санкции против Техеран како одговор.
Шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, во петокот рече дека Брисел „постојано силно го предупредил Иран да не испорачува балистички ракети на Русија“, која се обидува да го зајакне својот исцрпен арсенал по целосната инвазија на Украина.
ЕУ, рече Борел, „ќе реагира брзо и во координација со меѓународните партнери“ и размислува како да го таргетира иранскиот авијациски сектор, кој веќе е под санкции.
Коментарите на Брисел дојдоа откако американскиот државен секретар Антони Блинкен оваа недела изјави дека оружјето што го добила Русија може да се користи во војната во Украина за неколку недели.
Во заедничката изјава на 10 септември, Велика Британија, Франција и Германија ја нарекоа испораката на ракети од Иран на Русија „директна закана за европската безбедност“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Дипломатски извор на 13 септември рече дека француското Министерство за надворешни работи го повикало иранскиот вршител на работите во таа земја поради наводното испраќање ракети со краток дострел, што Техеран го негираше.
Три земји објавија дека ги откажале договорите за воздушен транспорт со Иран, кои ќе ги ограничат летовите на иранскиот авиопревозник кон Европа.
Како одговор, иранската влада ги покани на разговор претставниците на Велика Британија, Франција, Германија и Холандија.
Иранската новинска агенција ИРНА јавува дека иранското Министерство за надворешни работи им кажало на пратениците дека обвинувањата се дел од непријателството на Западот кон Иран и дека ќе одговорат на тие дејствија.
Испраќањето иранско оружје во Русија е спорно прашање откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Иранските самоубиствени дронови, и оние произведени во Иран и зголемениот број копии направени во Русија, се покажаа како смртоносно оружје на украинскиот фронт.
Русија и Иран, два главни производители на нафта и гас под санкциите на Западот и на Обединетите нации, ги зајакнаа своите деловно-политички врски во последниве години.