Холандија има намера да прогласи вонредна состојба за да го ограничи бројот на баратели на азил кои влегуваат во земјата.
Десничарскиот министер за азил Марјолеин Фабер изјави дека таквиот потег ќе и овозможи на холандската влада „многу брзо“ да суспендира делови од постојните закони за азил, пишува ДПА.
Деталите за планот треба да бидат објавени подоцна во петок, откако владата на премиерот Дик Шуф ќе ја претстави својата програма за политика во Хаг.
Околу 40.000 баратели на азил пристигнуваат во Холандија секоја година, што, како што тврдат критичарите, има негативно влијание врз недостигот на станови во земјата.
Во случај на криза, владата на оваа земја може да прогласи вонредна состојба благодарение на употребата на кралски декрет, кој и дозволува да преземе одредени мерки без одобрение од парламентот, како што беше случај за време на пандемијата на корона вирусот.
Видете и ова: Шест македонски и еден српски државјанин осомничени за криумчарење мигрантиСепак, таквата одлука мора да биде правно оправдана, а правните експерти се прашуваат дали бројот на баратели на азил, кој остана стабилен, е доволен за прогласување криза.
На ваквата најава револтирано реагираа опозициските партии кои го нарекоа владиниот план недемократски.
Опозицијата смета дека станбената криза во земјава е последица на мерките за штедење.
Намалувањето на бројот на баратели на азил и мигранти е една од главните цели на новата холандска влада која ја презеде функцијата во јули.
Во четирипартиската коалиција е и Партијата за слобода (ПВВ) на популистичкиот лидер Герт Вилдерс, која победи на парламентарните избори во ноември 2023 година, потсетува ДПА.