Руските граѓани кои живеат во Летонија со дозвола за постојан престој, но не го поминале потребниот испит за летонски јазик, почнаа да добиваат писма со предупредување да ја напуштат земјата во рок од 30 дена или ќе се соочат со „присилна депортација“.
Писмата ги испраќа летонската миграциска служба и се адресирани до граѓани на поранешниот Советски Сојуз (најчесто луѓе постари од 60 години) кои дошле во Летонија за време на советската ера, а откако Летонија ја врати својата независност, одлучиле да не земат летонски пасош, туку руско државјанство. Тие живеат во Летонија со дозвола за постојан престој, но, како по правило, не зборуваат летонски и имаат мал интерес за летонската култура. Вести добиваат од руските медиуми и често се проруски настроени. На Летонците не им е дозволено да имаат двојно руско државјанство.
„Не посетував курсеви затоа што едноставно немам пари. На секои три месеци земам пензија од 340 евра, а од Рига ми испратија ливче дека за ова треба да платам 70 евра“, изјави една жена што зборува руски за „Current Time“, пред еден од центрите каде што се спроведува тестирањето за познавање на јазикот.
Видете и ова: „Подготовка за лошо сценарио“: Летонија ja зацврстува границата со Русија„Најверојатно не положив. Едноставно одговорив на некои прашања. Нема сфера каде да се комуницира, нема место за разговор за летонски“, рече уште еден постар човек.
Различни објаснувања за неполагање на испитот
Во 2022 година, откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина, летонскиот парламент усвои амандмани на Законот за миграција. Со нив се воведе правило кое налага дека за да се продолжи дозволата за престој во Летонија, имателите на руски пасоши преку тестирање мора да го потврдат своето познавање на летонскиот јазик на разговорно ниво.
Но, овој испит не го положија многу Руси кои живеат во Летонија. Некои се жалат дека им е тешко да научат странски јазик на нивна возраст, додека други едноставно одбиваат да го сторат тоа. Според различни извори, повеќе од илјада Руси паднале на испитот.
Летонскиот закон вели дека ако испитот не се положи, дозволата за престој во Летонија се откажува и лицето ја губи можноста легално да живее во државата. Во текот на изминатите 12 месеци, Канцеларијата за државјанство и миграциски прашања (ПМЛП) издаде 63 наредби за лица кои не го положиле тестот, да ја напуштат Летонија.
Летонските власти присилно депортирале луѓе во девет случаи, додека уште 632 лица кои паднале на испитот сами ја напуштиле земјата и заминале за Русија, без да ја чекаат наредбата од ПМЛП.
Видете и ова: Летонија забрани влез на патнички автомобили со белоруски регистарски табличкиУште илјада луѓе во моментов се во неизвесност: станува збор за лица кои никогаш не положиле тест за јазик или не поднеле документи за продолжување на нивните дозволи за престој во Летонија. ПМЛП ги чека да објаснат зошто не го сториле тоа.
„Луѓето даваат различни објаснувања. На пример, велат дека не добиле писма од миграциската служба. Но, се разбира, имаме потврда дека се примени предупредувачките писма. Луѓето велат и дека им верувале на политичарите кои ги уверувале дека Уставниот суд ќе донесе позитивна одлука и дека новите правила нема да влијаат врз нив. Многумина навистина до последен момент веруваа дека тоа нема да влијае на нив. Има многу изговори“, рече Мадара Пуке, портпаролка на ПМЛП.
Пропаганда наспроти реалноста
Според официјалната статистика за 2024 година, летонските жители се опишуваат себеси како: 63 отсто етнички Летонци, 23 отсто Руси, 3 отсто Украинци, 3 отсто Белоруси и 2 отсто Полјаци. Но, според официјалните податоци од 2022 година, 62 отсто од жителите дома зборувале летонски јазик, додека 35 отсто руски.
И кога станува збор за руската инвазијата на Украина ставовите до одреден степен се поделени по етнички линии. Според серија истражувања во Летонија во текот на последните три години, најмалку 80 отсто од жителите што зборуваат летонски ја обвинуваат Русија за војната. Кај оние што зборуваат руски таа бројка е меѓу 32 и 38 проценти.
Но, додека Кремљ се обидува да ги прикаже руските малцинства во соседните земји како угнетени од мнозинството, многу од оние што зборуваат руски во Летонија се оградија од агресијата на Москва.
Видете и ова: Земјите кои граничат со Русија и Белорусија бараат повеќе пари од ЕУЛетонската партија Хармонија, која ги претставува луѓето што зборуваат руски јазик и порано се сметаше за проруска и имаше врски со владејачката партија Единствена Русија во Москва, ја осуди руската инвазија на Украина.
Еден од нејзините членови на парламентот, Борис Чилевич, за Би-би-си изјави:
„Модерна Русија е апсолутно аналогна на политиката на нацистичка Германија-единствената шанса за нормализација е воен пораз за Русија“.
Според ПМЛП, повеќе од 85 проценти од оние Руси кои се опфатени со законските измени за тестирање за познавање на јазикот, веќе ги комплетирале сите потребни документи и/или веќе го положиле испитот или учат летонски и добиле дозвола за привремен престој која важи до полагањето на испитот.
Но, руските државни медиуми и пропагандата ја форсираат темата за депортацијата на оние кои паднале на испитот и тврдат дека се дискриминирани сите што зборуваат руски. Повеќе од една година руските медиуми ги повторуваат приказните дека Летонија „насилно ги депортира пензионерите кои зборуваат руски“.
Летонската влада нагласува дека во земјата нема дискриминација кон рускиот јазик: Летонија ги наметнува истите јазични барања за сите странци кои сакаат да добијат дозвола за престој. Се депортираат и оние од други земји кои паднале на испитот.
„Во Летонија секоја година се издаваат многу налози за иселување. Има општа процедура. Мислам дека и овде не треба да очекуваме некој посебен третман. Во моментов е јасно дека некои луѓе веќе си заминале порано, без да реагираат или контактираат со Канцеларијата за државјанство и миграциски прашања. Но, руската пропаганда секогаш избира како да ги извртува летонските вести на свој начин“, рече летонската премиерка Евика Силина.
Видете и ова: Балтичките земји: Руски избори во окупираните области е „тешко кршење на меѓународното право“Промените на законот за миграција во Летонија погодија приближно 25 000 луѓе. Јавната дебата во земјата доведе до тоа летонскиот парламент да го измени законот во септември 2023 година: барањата за јазикот останаа, но на луѓето им беше дадено повеќе време да го научат јазикот и да го положат испитот. Ова се однесува на жителите на земјата кои добиле руско државјанство по мај 2003 година, кои веќе се обиделе да го положат тестот, но паднале на испитот, или кои не присуствувале на испитот од оправдани причини.
„Потребни се измени на законот за имиграција. Сигурна сум дека овој закон треба да вклучи старосна граница, за лица до 65 години“, рече летонската новинарка Инга Спринг за „Current Time“ во септември 2023 година.
„Претежно тоа се постари луѓе со здравствени проблеми и пониски ментални способности. Ние самите како држава се заглавивме со ова и не знаеме што да правиме. Сега имаме 10 000 луѓе кои воопшто не се пријавиле на овој испит. Многу луѓе треба повторно да го полагаат. И ако сега нивната дозволува истекува, јасно е дека никој нема да ги депортира. Невозможно е да се протераат толку многу луѓе од државата“, додаде Спринг.
Државата се осигурува дека руските граѓани не се закана
Против јазичните барања беше поднесена и колективна тужба до Уставниот суд на Летонија, но тој само ги потврди условите што ги наметнува законот како легални.
„Државјанството е сериозен концепт. Тоа го покажува изборот што го направил човекот во однос на која држава искажува лојалност и солидарност“, рече Алдис Лавис, шеф на Уставниот суд.
Видете и ова: Летонија затвори два гранични премини со Русија
„Овој конкретен случај е поврзан со поранешни летонски граѓани и лица кои не се државјани, а кои одлучија дека сакаат својата лојалност да ја поврзат со Руската Федерација. Мораме да разбереме дека во сегашната геополитичка ситуација, кога Руската Федерација започна војна во Украина и презема непријателските дејствија кон Летонија, со воведување на овие барања, државата обезбедува механизам за да се осигури дека руските граѓани кои постојано живеат овде не претставуваат закана за летонското општество“, додаде Лавис.
Во меѓувреме, руските регионални власти изјавија дека се подготвени да ги примаат лицата кои говорат руски и се депортираат од Летонија. Гувернерот на Псков, Михаил Ведерников, веќе вети дека регионот на сите депортирани ќе им ја обезбеди сета потребна помош и дека Центарот за привремено сместување е подготвен.