Русија не се согласува со коментарот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Крим треба да се врати под украинска контрола, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Тука имаме сосема различни мислења. Во исто време, не се откажуваме од обидот да им го објасниме нашето гледиште, нашата позиција на нашите турски пријатели и колеги“, рече тој.
Ердоган во средата рече дека поддршката на Турција за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина е непоколеблива и дека враќањето на Крим кон Украина, која беше анектирана од Русија во 2014 година, е барање на меѓународното право.
Турција и САД, како и Генералното собрание на Обединетите нации, сметаат дека анексијата е нелегална.
Песков рече дека Ердоган е под притисок на САД поради традиционално блиските економски врски со Москва, пренесува Ројтерс.
Оваа недела Кремљ најави можна посета на рускиот претседател Владимир Путин на Турција по завршувањето на подготовките.
Турција, членка на НАТО, одигра клучна улога како посредник за време на руско-украинската војна, пред сè кога станува збор за извозот на украинското жито, кое долго време беше заглавено во пристаништата.
Турција и Србија се единствените земји кандидати за членство во Европската унија кои не воведоа санкции кон Русија поради нејзината агресија врз Украина.