Американски активисти осудени за заговор за руско политичко влијание

Илустрација

Судот во Флорида осуди четворица активисти за граѓански права за заговор за дејствување како нерегистрирани руски агенти, како дел од тајната иницијатива на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) за влијание врз политиката на САД.

Пресудата во федералниот суд во Тампа, следеше по судењето кое откри детали од седумгодишниот руски напор да сее поделеност во Соединетите држави со поддршка на маргиналните политички групи.

Меѓу активистите кои се прогласени за виновни се основачот на Африканската народна социјалистичка партија Омали Јешитела, Пени Хес, Џеси Невел и Аугустус Ромен Џуниор, на кои им се заканува затворска казна до пет години поради пресудата за заговор. Тие беа ослободени од посериозното обвинение за дејствување како руски агенти.
„Најважно е што не можеа да не осудат дека работиме за никого освен за обоените луѓе“, рече Јешитела по пресудата.

СМС пораките приложени како доказ во случајот и првично објавени од РСЕ открија разговори меѓу Александар Јонов, руски државјанин кој координирал со активистите, и неговите раководители на ФСБ.

Комуникациите, исто така, покажаа детали од интеракциите помеѓу Јонов и маргинална група од САД која се залага за отцепување на Калифорнија од САД.

Во обвинението стои дека активистите свесно соработувале со Јонов, а потоа и со офицерите на ФСБ; Јонов платил барем еден од нив да отпатува во Москва во 2015 година на конференција планирана од организацијата на Јонов, Движењето за антиглобализација на Русија.

Доказите приложени во случајот од страна на обвинителите вклучуваат слики и видео снимки од состанокот на Јонов и Јешитела (82) во Русија.

Видете и ова: „Сакавте превирања, ги добивте“: Како во ФСБ разговараа и планираа да сеат раздор во САД

Обвинителите рекоа дека Јешитела им кажал на своите колеги-активисти дека Јонов само ќе обезбеди поддршка за напорите што ќе ги поддржат обидите на Русија да ги „поткопа Соединетите држави“ и дека Јонов користел „сили внатре во САД за да сее поделба во САД“.

Адвокатот на Јешитела, Аде Грифин, во завршните зборови рече дека Јонов не ги контролирал активистите, велејќи дека неговиот клиент „не е на продажба“.

Јонов, исто така, наводно ја советувал групата околу формулации за протестните транспаренти; според обвинението, тој, исто така, платил 3.000 долари на неколку активисти за тие да отпатуваат во Сан Франциско за да протестираат во седиштето на Мета, матичната компанија на Фејсбук, откако таа ги ограничи проруските објави за целосната инвазија на Русија на Украина, во февруари 2022 година.

Според обвинителите, Ромен му испратил порака на Јонов по демонстрациите: „Ова е одлично! Тоа беше забавно! Кого напаѓаме следно? За повеќе време можам да соберам поголема толпа“.

Датумот на изрекување на казните не е одреден во случајот.

Министерството за правда соопшти дека Федералното истражно биро на САД го истражуваше случајот.

Извори: РСЕ, Тампа Беј, АП