Предлог-законот за унгарскиот кредит на пленарна седница во вторник

илустрација

Собраниската Комисија за финансирање и буџет го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка. Со седницата претседаваше Бојан Стојановски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска не ја закажа седницата. Пратениците на СДСМ не учествуваа во работата на Комисијата.

Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела.

Со Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка е предвидено државата да се задолжи со 500 милиони евра. Условите се регулирани во договор за заем кој ќе се склучи помеѓу Република Северна Македонија и Унгарската банка.

Во дел од нив се вели дека заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години.

Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25% а ќе се плаќа провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евра

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ од комисиската говорница, а потоа и од прес - конференција истакна дека пропаднаа сите обиди на СДСМ да спречи капитални проекти во општините ширум Македонија и на поволни средства за инвестиции во приватниот сектор. Според него, СДСМ во текот на денот покажале недржавничко однесување обидувајќи се да спречи изградба на нови градинки, училишта, игралишта катни гаражи и други бројни инфраструктурни проекти.

На собраниската седница зборуваше и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски кој образложи дека во соодетниот рок претседателката на Комисијата за финансирање Сања Лукаревска од СДСМ не сакала да закаже седница за заемот и претседателот на Собранието врз основа на член 126 став 3 од Деловникот го закажал ова заседание. Мицевски ја обвини опозицијата дека сака да ја блокира работата на Собранието.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера изјави дека одлуката да се носи Законот за задолжувањето на Република Северна Македонија по скратена постапка е без преседан. Тој смета дека во предлогот со кој државата за прв пат ќе се задолжи директно кај друга држава, а тоа е Унгарија нема јасни критериуми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето парите, и има точки во кои се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени.