Отворена истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември

илустрација

Во пропишаниот рок, поднесена е пријава за безбедосниот настан на небото на Скопје што се случи на 7-ми месецов и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините, информира денеска (13 септември) Давателот на навигациски услуги М-НАВ, по објавите за избегнат инцидент во судир на два авиона.

Од М-НАВ потенцираат дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

„На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, наведе М-НАВ во соопштение.

Видете и ова: Условно осудени седум лица за упадот во М-НАВ

Претходно од АЦВ за МИА потврдија постапуваат по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ.

„Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно го пријави настанот и АЦВ ќе постапи по истиот“, изјавија од АЦВ.

Порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18:32 часот.