Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на Бугарија.
Според Радев, Владата на Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика.
„Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста. Нашите односи ќе зависат од склучените договори“, изјави Радев.
Видете и ова: „Набуко“ од Верди за затоплување на односите меѓу Скопје и СофијаТој потенцира дека ангажманот на раководството на Северна Македонија во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на Северна Македонија и за поголема поврзаност во регионот.
„Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска Давкова ќе остане како доследна политика на владата на Северна Македонија. Ние строго ќе го следиме протоколот. Време е и за мојата официјална посета на Република Северна Македонија“, посочи Радев.
На прашање дали веќе има таква покана, Радев одговори дека во врска со ова прашање ќе се разговара со претседателката на Северна Македонија.
Бугарија нема да ги репреговара условите од договорот со Република Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот технички премиер Димитар Главчев.
„Нема за што да се преговара. Ние го имаме ставот на Бугарија. Тие велат дека нема да преговараат со техничка влада, но јас би рекол дека од наша страна нема волја за преговори, бидејќи нема за што да преговараме. Има заедничка европска позиција. Да преговараат со Европската Унија. На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не се придржува кон преземените обврски, поради што истото го посочи и премиерот на Грција, дека Република Северна Македонија не го почитува Преспанскиот договор, така што нашата позиција ја изнесовме на највисоко можно ниво, рече Главчев, објави Бнр.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
Претходно Мицкоски рече дека сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија се додека таму не се избере Влада.