Апелација ја прифати жалбата на Таравари и го врати предметот на повторно судење

Алијансата за Албанците

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, реагираше на одлуката на Апелациониот суд со која се поништи одлуката на Основниот суд во Тетово. Со одлука на тетовскиот суд во април годинава печатите на партијата Алијанса за Албанците му припаднаа на крилото на Зијадин Села

Според Таравари, со последната одлука на судот Алијансата за Албанците се враќа во своето членство.

„Алијансата за Албанците е наша! Апелациониот суд одлучи дека партијата Алијанса за Албанците и припаѓа на апсолутното мнозинство. Партијата му се враќа во членството! Честитки до сите!“, изјави Таравари.

Инаку, синоќа (12 септември)Алијансата за Албанците соопшти дека Апелациониот суд во Гостивар го вратил предметот на политичката партија Алијанса за Албанците на повторно судење и ги прифатил жалбите на правниот застапник на Арбен Таравари.

„Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходната одлука донесенс од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и се менуваа неколку судии додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда Кренар Лога, партиските печати да и припаднат на фракцијата што и се придружи на ДУИ. Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари“, соопштија од АА.

Видете и ова: Судот во Тетово одлучил Села да ги добие печатите од Алијанса за Албанците, Таравари најавува жалба

Инаку во Основниот Суд Тетово се водеа два предмети, односно две барања за упис на промени во судскиот регистар на политичките партии во кој како барател и во двете барања се јавува Алијанса на Албанците со седиште во Тетово.

Алијанса за Албанците пред изборите се подели на две крила. Едното на Таравари и другото на Села, кој по напуштањето на лидерската позиција стана претседавач со партиското собрание. Причина за расколот беше настапот на партијата на претседателските и парламентарни избори.

Крилото на претседателот на партијата Арбен Таравари се приклучи на опозицскиот блок во кој се БЕСА на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити и ја формираа коалицијата Вреди, додека пак крилото на АА предводено од Села на претстојните избори коалицираше со ДУИ и стана дел од коалицијата Европски фронт.