Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на седница на 12 септември, ја поддржа Украинска Православна Црква, која беше забранета од Украинскиот парламент во август 2024 година.
Ова прашање било разгледувано на редовна седница на Синдот, на која биле разгледани повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот, според соопштението од МПЦ-ОА.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“, пишува во соопштението од МПЦ-ОА.
Светиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пишува во соопштението, „сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 август 2024 година потпиша закон за забрана на православните цркви поврзани со Русија во Украина, кој претходно го усвои Врховната рада (Парламентот на Украина).
Во законот се наведува дека ниту една верска организација која дејствува на украинска територија не смее да има административен центар во Русија, вклучувајќи ја и Руската православна црква. ,
Црквата која е признаена во Украина е Православна црква на Украина (ПЦУ).
Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, но напорите се засилија по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Украинската православна црква официјално се одвои од Московската патријаршија во 2022 година, но украинските власти постојано ги обвинуваат нејзините свештеници дека и понатаму ѝ се лојални на Русија.
Руската инвазија врз Украина беше поддржана од водачот на православната црква во Русија, патријархот Кирил, верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
Македонската православна црква-Охридска Архиепископија беше признаена во мај 2022 година, со одлука на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија од Истанбул, предводена од Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј. Потоа и Српската православна црква ја призна афтокефалноста на МПЦ-ОА.
Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет