Европската унија (ЕУ) го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска, кое го покрена Специјалното обвинителство на Косово на 11 септември против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, кои беа дел од вооружената група што ја нападна косовската полиција во градот Бањска, минатиот септември.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека Брисел ќе ги разгледа можните последици по завршувањето на сите правни процедури.
„Веќе рековме тогаш и во септември минатата година дека овој напад претставува јасна ескалација без преседан. И дека ќе има последици. Значи, кога судот на Косово ќе одлучи кој е виновен, кој е одговорен или невин, тогаш ќе дојде времето да се разберат последиците“, рече Стано.
Тој додаде дека ЕУ има „широк опсег на инструменти“ кои може да ги користи во консултација со земјите-членки, но „сè уште не сме стигнале до тој момент“.
Стано рече и дека Брисел очекува Србија целосно да соработува во истрагата и во другите релевантни процеси околу овој настан.
Во нападот во Бањска на северот на Косово на 24 септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во пукањето загинаа и тројца српски напаѓачи.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен политичар и бизнисмен од северно Косово, за кој се верува дека е во Србија.
Истрагата за нападот во Бањска ја водат косовските и српските правосудни органи, но досега само Косово поднело обвинение. Три лица кои беа уапсени за време на нападот во Бањска се во притвор во Косово.
Српското раководство во неколку наврати негираше каква било вмешаност во нападот во Бањска. Меѓународната заедница остро го осуди нападот во Бањска и неколку пати ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сите инволвирани во нападот.