Германските власти објавија дека ја забраниле работата на исламскиот центар во Бранденбург, покраина кај Берлин, поради наводните врски со палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, јави агенцијата АФП.
Претреси во Исламскиот центар Фуерстенвалде ал-Салам (ИЗФ) и домови во Бранденбург и Берлин беа извршени утрото на 12 септември, соопшти државното Министерство за внатрешни работи.
„Исламскиот центар Фуерстенвалде е поврзан со исламистичката терористичка група Хамас и со Муслиманското братство“, изјави Мајкл Штубген, државен министер за внатрешни работи.
„Организацијата дејствува против слободниот демократски поредок, шири антисемитски наративи и го негира правото на Израел да постои. Ние не можеме да го прифатиме тоа“, се додава во изјавата.
Германија го смета Хамас за терористичка организација, а Стејт департментот соопшти дека го смета и Муслиманското братство со седиште во Египет за „релевантна исламистичка група“.
Потегот доаѓа на помалку од две недели пред парламентарните избори во Бранденбург, на кои се очекува дека екстремната десничарска и антиимиграциска партија Алтернатива за Германија ќе оствари значителен резултат.
ИЗФ е основан во 2018 година и нудеше низа активности за муслиманите во областа Фуерстенвалде, како и раководење со локалната џамија Ал-Салам.
Во јули, властите го затворија Исламскиот центар во Хамбург, откако заклучија дека станува збор за „исламистичка екстремистичка организација“ поврзана со Иран и со либанската група Хезболах.
Поранешниот шеф на центарот, Мохамад Хади Мофатех, ја напушти Германија оваа недела откако му беше врачен налог за депортација.
Дебатата за исламистичкиот екстремизам дополнително беше поттикната од смртоносниот напад со нож во западниот град Солинген кон крајот на август. Во нападот, што наводно го извршил сириски азилант, загинале три лица, осум беа ранети, а одговорноста ја преде таканаречената Исламска држава.