Владата сака да ја промени стратегијата за нејзината транспарентност

Илустрација

Сегашната Влада смета дека стратегија за транспарентност на претходната има недостатоци и поради тоа размислува за нејзина промена.

Во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) во однос на транспарентноста на сегашната Влада за тоа дали ќе ја почитуваат стратегијата се вели дека е добро да се носат документи, но уште поважно е нивното имплементирање. Ја критикуваат претходната Влада дека слабо ја реализирала стратегијата која според сегашната власт има сериозни недостатоци.

„Анализата која ја направивме ни покажа дека има сериозни недостатоци и во поглед на стратешкото позиционирање, но и слабата реализација на истата од страна на претходната влада. Се чини дека таквиот документ бил само декларативна заложба, а суштината на самата стратегија не одговара во целост на воспоставување на кохезивно општество со целосна вклученост на сите релевантни фактори. Токму поради ваквите базични недостатоци ги разгледуваме можностите за изработка на нова и сеопфатна стратегија за транспарентност“, се вели во одговорот на Владата.

Како пример за непочитување на Статегијата е истакнат и договорот со „Бехтел и Енка“ кој беше класифициран како доверлив.

Од Владата велат дека ќе има портпарол. Додаваат дека досега прашањата биле одговарани од службата за односи со јавност и дека Владата е достапна за одговори.

„За разлика од лошите практики од минатато Влада прекина да прави селекција на новинари, поделба и селективното одговарање на прашања и селективно канење на новинари на настаните на владата“, велат од таму.

Видете и ова: Прашањата до Владата завршуваат во партиски штаб?

За РСЕ, од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека очекуваат зголемување на транспарентноста на владините институции и самата влада во насока на негување на култура на професионален однос со медиумските работници, пред се за задоволување на правото на информирање на граѓаните и на јавниот интерес.

„Затоа е неопходно час поскоро да се назначат одговорни лица за односи со јавност на владата, пред се за точно и навремено адресирање на сите прашања на новинарите. Во таа насока очекуваме да продолжи и претходната пракса на функционалност на порталот Отворени финансии, за да се задржи двонасочна транспарентност и отчетност во трошењето на државниот буџет и парите на граѓаните“, вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Во однос на тоа зошто не се објавени имињата на премиерските советници од Владата велат дека тимот се екипира и кога ќе биде комплетиран, тој ќе биде објавен. Додаваат дека нивните плати ќе бидат исти како како оние од претходната влада.

За системот за е-набавки сметаат дека е целосно достапен на сајтот на Бирото за јавни набавки. Тоа што еден од генераторите повеќе не го линкува истиот систем е однос помеѓу приватен субјект, приватна фирма и државна институција и протоколите за заштита.

„Е - набавките и отворените финансии се достапни за целата јавност што покажува дека не се точни тврдењата дека институциите не се транспарентни“, истакнуваат од Владата.