Историската комисија со Бугарија беше злоупотребена во политички и партиски цели, реагираат поранешните членови

Поранешните членови на македонскиот тим во Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања

Поранешните членови на македонскиот тим во Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања реагираат на последните настани во врска со работата на Комисијата и како што велат, „последователните обвинувачки и клеветнички текстови и настапи по некои медиуми“.

Тие објаснуваат дека Работата во Комисијата, која е експертско, а не политичко тело, за нив била можност да се помогне во надминување на проблемите кои постојат помеѓу двете држави.

„Но, поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот копретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји. Во јавноста се наметна уверувањето дека Комисијата треба да биде тело во одбрана на „националните интереси“, докажување на „историски вистини“ и решавање на историографски прашања. Идејата дека Комисијата преку позитивните примери на слични комисии во Европа треба да помогне да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија кои очигледно ги држат во заложништво граѓаните и граѓанките на двете држави, беше целосно игнорирана“, се вели во реакцијата на поранешните членови на Комисијата.

Тие велат дека во минатото Комисијата била постојана мета на политички мотивирани напади од бројни медиуми и политички партии и нејзината работа била искористена за остварување политички цели“.

„Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно и за еден премиер и за еден професор. Со иста порака е и коментарот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија од 5.9.2024 г., со кој Комисијата ја прогласи за политичко тело кое треба да штити стратешки надворешно политички позиции. На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна“, се вели во реакцијата.

Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблеми

Поранешните членови на Комисијата, меѓудругото посочуваат и дека е неопходна промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, нешто што, како што пишуваат, го барале постојано од првата средба на Комисијата одржана на 2 и 3 јули 2018 година.

Во меѓувреме, на затворена седница на 10 септември Владата ги именуваше членовите на новиот состав на македонскиот тим во Комисијата. Како што јавуваат некои медиуми, повеќето од членовите за одлуката дознале токму од медиумите и сè уште не добиле официјално известување од Владата.

Заедничката комисија за историски и образовни прашања, пак, беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 година во Скопје го потпишаа тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов.

И покрај политичките случувања на двете страни од границата, членовите на ова тело одржуваа средби додека впечатокот во јавноста е оти работата е заглавена во ќорсокак. Последните препораки, за кои македонските и бугарските историчари ги усогласија ставовите, беа објавени пред две години. Последната средба тие ја одржаа во јуни и таа беше трета за годинава. Според годишниот план за работа, планирани се вкупно шест што значи дека покрај средбата на 18 и 19 септември во Скопје до крајот на декември би требало да се одржат уште два состанока.