Американскиот државен секретар Антони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами најавија нов пакет помош за Украина откако пристигнаа на 11 септември во заедничка посета на Киев.
Посетата доаѓа во момент кога Украина ги повикува своите западни сојузници да се откажат од ограничувањата што ја спречуваат да користи оружје со долг дострел.
Блинкен и Лами посочија дека конфликтот достигнал „критична“ точка, при што руските сили продолжиле да го напаѓаат источниот украински регион Доњецк и продолжиле да користат ракети и беспилотни летала против украинските градови.
Блинкен најави помош од повеќе од 700 милиони долари, голем дел од неа ќе биде наменет за зајакнување на енергетската мрежа на Украина, додека Лами потврди дека неговата земја ќе обезбеди уште 600 милиони фунти односно 782 милиони долари во помош и гаранции за заеми.
По пристигнувањето на Блинкен и Лами во Украина со воз од Полска, руските медиуми известуваа дека руските сили ги нападнале украинските трупи и ја враќаат територијата во Курск, по нешто повеќе од еден месец откако Украина започна ненадеен упад во рускиот регион.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци ги бара од сојузниците на Киев да ѝ дозволат на Украина да користи оружје обезбедено од Запад, длабоко во руската територија за да ѝ биде потешко на Москва да започне контранапади.
Зеленски рече дека се надева оти посетата на највисоките американски и британски дипломати ќе значи носење „силни одлуки“ за поддршка на Украина.
Блинкен истакна дека сака директно да слушне од Зеленски и другите кои се навистина целите на Киев во војната и што може да направи Вашингтон за да му помогне.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека тој и Зеленски имале „детални и продуктивни“ разговори со Блинкен и Лами.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот рече дека неговата администрација „разработува“ начин за укинување на ограничувањата, иако не даде детали.