Тоа се политички „лешинари“ кои преку проблемот со црквата во Галате предизвикуваат меѓуетнички тензии, што е доказ за наводите за дестабилизација за кои предупредуваше премиерот Христијан Мицкоски. Вака ги опиша случувањата во тетовското село Галате министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ Телма.
Станува збор за црква во село во близина на тетовско Врапчишта, каде што на 9 септември група граѓани без дозвола од општината и Македонската православна црква започнале со расчистување на просторот околу црквата која беше оштетена од пожар во 2001 година.
Според министерот Тошковски ова е обид за ширење на меѓуетнички тензии кој го оценува како неуспешен. Тој најави дека Министерството за внатрешни работи ќе преземе мерки за целосно спречување на ваквите обиди.
Тој истакна дека за расчистувањето на околината на црквата во Галате, општина Врапчиште, немале информации ниту во Македонската православна црква (МПЦ).
„Обидот на одредени политички лешинари во текот на вчерашниот ден да подгреваат, да хушкаат, да извртуваат фактичка состојба во насока на меѓуетнички тензии. Ако ова не е доказ дека она што сме го говореле изминатиот период, од аспект на тоа дека ќе има обиди во овој временски период, во насока на дестабилизација, тогаш не знам што би било“, изјави министерот Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања апелираше да не се игра на етничка и верска карта, посочувајќи дека очекува да има и други вакви изолирани инциденти.
„Бидејќи тоа е картата на која што овие криминалци кои во изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност итн., и ова се такви изолирани инциденти што ќе следат“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Дестабилизација од ДУИ или дефокус на ВМРО-ДПМНЕНа 10 септември при две лица од групата жителите кои по 23 години го иницирале расчистување на просторот околу црквата, беа спроведени со лисици на информативен разговор од полицијата затоа што, како што соопшти МВР, пружиле активен отпор и одбиле мирно да ја напуштат канцеларијата на градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани.
Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Оливер Спасовски на 11 семптември изјави дека го осудува, како што вели, неоправданото приведување на кој било во еден таков случај.
„Секако дека не треба да се посегнува на таков начин на однесување кога станува збор за верски објекти“, изјави Спасовски посочувајќи дека институциите треба преку дијалог да најдат соодветно решение.
„На Македонија не и се потребни инциденти, особено не во делот на меѓуетничките односи, апсолутно не смееме да си играме со правото на вероисповед. Се што треба да се решава треба да е помеѓу институциите на системот, дали е тоа МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, локалната власт и централната власт. Преку дијалог мора да се дојде до решение“, додаде Спасовски.
Жители на селото Галате кои ја иницираа акција за уредување на просторот околу црквата се пожалија дека полицијата по налог на локалната самоуправа ги попречува во намерата и преку полициска интервенција им врши притисок.
Во врска со случајот МВР информираше дека постапувајќи по претходна пријава од страна на инспектор за урбанизам од општина Врапчиште, направен е увид на месноста наречена „топли извори“ (меѓу селата Топлица и Врапчиште) на локацијата на црквата „Света Петка“, каде што, според пријавата се изведувале незаконски градежни работи во дворот на црквата.