Собраниската постапка за законот за заем од Унгарија за опозицијата е шверцерска, за власта редовна процедура

Средба на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со неговиот унгарски колега Виктор Орбан на маргините на Самитот во Лондон на 18.07.2024 година

Предлог законот за заем од Унгарија влезе во собраниска процедура по скратена постапка. За опозицијата постапката е шверцерска, додека за власта исполнети се сите услови законот да биде донесен во скратена собраниска процедура.

„Зошто на шверцерски начин се протнува во скратена процедура законот за заем од Унгарија“, прашува лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

Тој денеска во одговор на новинарско прашање посочи дека со тоа што се носи сериозен закон по скратена постапка не се остава доволно време за дискусија, ниту за анализа од страна на експертите и експертската јавност.

Според предлог законот, македонската влада ќе треба да плати провизија за правни услуги на независна фирма, избрана од Унгарската банка. Оваа провизија ќе се исплати пред повлекување на првата транша од заемот.

Според Филипче, корупцијата во овој закон се гледа во тоа што фирмата која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која што ги дава парите.

„Секогаш кога имало некоја меѓународна куќа, таа била етаблирана, позната меѓународна куќа и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земат тие провизии. За жал, сметам дека ова е еден голем корупциски проект којшто е озаконет, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати. Многу внимателно ќе следиме кои ќе бидат тие фирми и ќе бидат одговорни за провизиите со цел сите работи кои ќе ги откриваме да ги презентираме во јавноста“, рече Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека дека се работи за нормална процедура. Сумата од 70 илјади евра, којашто земјава треба да ја плати како провизија за правни услуги, како што рече Мицкоски, е десетпати помала од она што во минатото како држава сме го плаќале за претходни задолжувања.

„Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент“, одговори Мицкоски на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

Видете и ова: Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Според собраниските материјали од предлог законот Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност на 28.06.2024 година доставила „Писмо со намера за доделување на заем во износ од 500 милиони евра“.

Минатиот месец министерството за финансии спровело преговори со унгарската Експорт - Импорт банка а текстот од Договорот за заем бил усогласен на 3 септеври.

„Целта на обезбедувањето на овој заем е унапредување на постојната и воспоставување на посебна економска соработка со Унгарија“, се вели во предлог законот.

Според предлог законот, земот од унгарската банка ќе се отплаќа во наредните 15 години, при што првите три ќе се третираат како грејс период. Заемот ќе се повлече во една транша а фиксната каматна стапка ќе изнесува 3,25% . Македонските власти се обврзуваат да платат провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти на годишно ниво, а исплатата ќе се врши на 24 полугодишни рати.

„Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни
услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт - импорт банка
приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе
се плати пред повлекување на траншата“, се вели во предлог законот.

Претходно премиерот Мицкоски оцени дека Унгарија е „вистински пријател“ на Северна Македонија бидејќи Владата на премиерот Виктор Орбан со заемот од 500 милиони евра, дала конкретна помош наместо да го тапкаат по рамо.