Француските власти соопштија дека спречиле три напади на Олимписките и Параолимписките игри во Париз и другите градови домаќини на натпреварите. Ова го изјвави на 11 септември обвинителот за борба против тероризмот на земјата, Оливие Кристен.
Кристен рече дека заговорите вклучувале планови за напад на „израелските институции и израелските претставници во Париз“ за време на Олимпијадата во Париз од 26 јули до 11 август.
Тој изјави за францускиот медиум „ France Info“ дека „израелскиот спортски тим не бил конкретно цел“, но не даде дополнителни детали.
Вкупно пет лица, меѓу кои и малолетник, биле уапсени под сомнение дека се вмешани во трите спречени заговори против Олимписките игри, кои биле планирани во екот на војната меѓу Израел и Хамас и меѓу Русија и Украина.
Осомничените се во истражен притвор и се соочуваат со различни обвиненија за тероризам. Франција со месеци е на највисока безбедносна готовност пред Олимписките и Параолимписките игри, кои завршија минатата недела.
Во периодот пред Игрите, министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин постојано предупредуваше на безбедносни закани од исламистички екстремистички групи, насилни еколошки активисти, екстремно десничарски групи и сајбер напади од Русија или други противници.
Во мај, 18-годишен маж од Чеченија беше уапсен под сомнение дека планирал напад на олимпискиот фудбалски турнир во Сент Етјен во име на идеологијата на таканаречената милитантна организација Исламска држава.