Косовското обвинителство покрена обвинение против 45 лица за нападот во Бањска

илустрација

На 11 септември, Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, кои беа дел од вооружената група што ја нападна косовската полиција во градот Бањска, минатиот септември.

Владата во Приштина овој напад го означи како терористички.

Во нападот во Бањска на северот на Косово на 24 септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во пукањето загинаа и тројца српски напаѓачи.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен политичар и бизнисмен од северно Косово, за кој се верува дека е во Србија.

Истрагата за нападот во Бањска ја водат косовските и српските правосудни органи, но досега само Косово поднело обвинение. Три лица кои беа уапсени за време на нападот во Бањска се во притвор во Косово.

Извори на РСЕ во Специјалното обвинителство на Косово кон средината на јули изјавија дека подготовката на обвинението е во завршна фаза и дека „истрагата за случајот Радоичиќ ќе добие конечен епилог“. Наведоа и дека обвинението не се очекува пред есен.

Видете и ова: Курти обвини-Радоичиќ планира нови напади на Косово

По Радоичиќ по барање на Косово е распишана меѓународна потерница од Интерпол преку Мисијата на Обединетите Нации (УНМИК).

Истрагата за нападот во Бањска вода и Вишото јавно обвинителство во Белград, кое преку ЕУЛЕКС (Мисија на Европската унија за владеење на правото) побара информации од Косово за случајот Бањска.

Но, на 14 август Министерството за правда на Косово за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека ова барање е одбиено. Министерството за правда на Косово претходно во својот одговор до РСЕ соопшти дека барањето на Србија е во спротивност со неколку точки од Законот за меѓународна правна соработка и дека „само судските органи на Косово имаат надлежност да судат случаи извршени на територијата на земјата“.

Видете и ова: Имотот на Милан Радојчиќ даден на косовската полиција

Се додава дека Косово никогаш не добило одговор од Србија на барањето „да се предадат криминалците за да бидат изведени пред лицето на правдата во Република Косово“, испратено во октомври минатата година.

Ова министерство побара и меѓународна истрага за, како што се наведува, „базите за обука на терористи на територијата на Србија, вмешаноста на Србија во финансирањето и снабдувањето на терористите со оружје“.

Косовскиот премиер Албин Курти го условува продолжувањето на дијалогот за нормализација на односите со Србија со предавање на Милан Радоичиќ на косовските правосудни органи.

„Сè додека Радоичиќ и неговата група се слободни и заштитени во Србија, нема доверба во дијалогот за нормализација на односите“, рече Курти на крајот на јуни.

Српското раководство во неколку наврати негираше каква било вмешаност во нападот во Бањска. Меѓународната заедница остро го осуди нападот во Бањска и неколку пати ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сите инволвирани во нападот.