Иако покриеноста со лекови во земјава драстично се подобрила последниве години, катастрофалните здравствени трошоци се уште се вистински проблем, особено за посиромашните семејства. Во 2018 година 80 отсто од плаќањата од џеб биле за амбулантски лекови, а овие плаќања сочинуваат 42 процента од вкупните здравствени трошоци што е далеку над просекот на ЕУ од 22 отсто, покажува еден од најновите извештаи на СЗО за Северна Македонија.
Како што рече денеска директорката за здравствени политики и системи во регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Наташа Азопарди Мускат, секој, независно од потеклото или околностите, треба да има пристап до здравствена заштита без да доживува финансиски тешкотии, а позитивната листа е клучна за постигнување универзална здравствена покриеност, бидејќи ја олеснува превенцијата на болестите.
„ Јасни ми се и предизвиците со кои се соочувате во ажурирањето на позитивната листа и дека тие вклучуваат долги процеси, како и недоволно финансирање за лекови. Потребите и барањата секогаш ги надминуваат ресурсите што ни се достапни. Но, сепак, има работи што можеме да ги направиме, како градење капацитет за проценки на здравствената технологија и потреба од стратешка ревизија на политиките за цени и надоместоци. Тука, во секоја мала земја, често се јавува и значајниот јаз во експертизата. Некогаш не сме во предност зашто треба да седиме на маса и да преговараме со мултинационални фармацевтски компании кои имаат мошне голема експертиза во нивниот профил, особено кога станува збор за новите скапи лекови. Оваа симетрија често води до тоа малите земји да не можат да преговараат ефективно и да имаат ефективни договори, истакна Мускат на работилницата за проширување на позитивната листа лекови“, вели Мускат.
Видете и ова: Таравари: Има средства за проширување на позитивната листаПретставникот на СЗО за Северна Македонија, Аким Али најави дека следните неколку месеци ќе се креира систематски процес за ревидирање на позитивната листа во Северна Македонија. Како што напомена, неопходноста од пристап до лекови кои нема да предизвикуваат финсиски проблем за граѓаните е клучен проблем на кој мора да се работи.
Претходно, во обраќањата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари порачаа дека секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни за квалитетен живот.
Тие најавија проширување на позитивната листа и оценија дека мора јасно и транспарентно да се посочат предизвиците со кои се соочуваат институциите.
Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.