Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија, истакна денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски кој одговараше на прашањето за евроинтегративните процеси и дијалогот со соседна Бугарија. Мицкоски потенцираше дека јавноста е доволно запознаена со позициите на Владата, како и со неговите лични позиции и, како што вели, „не би коментирал ни чекор повеќе, ни чекор помалку“.
„Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени Парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега“, изјави Мицкоски.
Премиерот на Република Северна Македонија, Мицкоски синоќа во телевизиско интервју зборувајќи за уставните измени апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес.
Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблемиПотврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува. Мицкоски вели дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција.
„А тој јасен план и јасна гаранција мора да бидат потврда која што ќе се темели на јасна порака и на јасни постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме и да видиме имаме ние предлог. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема... Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение“, рече синоќа премиерот Мицкоски.
Во меѓувреме претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во петок (13 септември) ќе ја отпатува за Софија што ќе биде нејзина прва официјална посета по стапувањето на функцијата на 12 мај.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова со Муцунски и Љутков во петок во СофијаДел од македонските и бугарските медиуми објавија дека тогаш ќе се одржи и првата средба помеѓу Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев, но засега официјална потврда нема.
Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Актуелната Владата на Северна Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став дека може да се изгласаат уставните измени, но тие да бидат со одложено дејство односно да стапат на сила во моментот кога земјава ќе влезе во ЕУ.