Шест државјани на Северна Македонија и еден на Србија се осомничени за криумчарење мигранти во истрага што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Тие се сомничат дека биле дел од организирана криминална група која шверцувала мигранти низ територијата на Северна Македонија до Србија. Лицата кои ги криумчареле биле од Сирија, Ирак, Конго, Нигерија и други земји.
Петмина од осомничените се приведени во акција што денеска, 10 септември, под кодно име „Кипер“ ја спроведе полицијата под раководство на обвинител. За сите приведени, по барање на обвинителството, Основниот кривичен суд Скопје, определи мерки притвор од 30 дена.
Едно од останатите две лица е во бегство и за него има определен притвор во друг случај, додека другото лице веќе се наоѓа во затворот Идризово на издржување на друга казна.
Видете и ова: Трагичен инцидент - мигранти се удавија во превртен чамец на ДринаНа отворањето на истрагата од ОЈО ГОКК и на денешната полициска акција претходела предистрага која траела од септември 2023 до јуни 2024 година.
Во шемата за криумчарење, според соопштението од обвинителството, се вмешани и други лица кои не се меѓу осомничените односно еден Пакистанец и едно засега неидентификувано лице од Србија, со кои се здружил првоосомничениот и ја организирал групата во Северна Македонија.
„Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско-липковскиот регион“, велат од обвинителството.
Со помош на водичи таканаречени качаци, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации. Оттаму, „качаците“ им ја испраќале локацијата на организаторите.
„Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне парите исплатени за успешно извршеното криумчарење. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н. лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Северна Македонија во Србија“, наведуваат од обвинителството.
Видете и ова: Мигранти обвинуваат - Србија со ќотек не враќа во Северна МакедонијаПрвоосомчничениот организатор на групата обвинителството го гони за делата „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и за „криумчарење на мигранти“.
Петмина од останатите се товарат дека ги направиле истите дела, но како членови на групата, додека седмиот осомничен се гони за помагање во едно од двете кривични дела.