Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, денеска (10 септември) од Скопје предупреди дека Европската Унија би можела да биде заменета на Западен Балкан од други земји кои имаат интерес од тоа, како Русија и Кина.
„Треба да се подаде рака кон оние народи кои сакаат да бидат со нас европејците, особено со нашите пријатели од Балканот. Треба да се решат проблемите што не се решени, за да може да се почитуваат европските прави за пристапување. Ако не го направиме тоа, ќе има некој друг што ќе сака да не замени, мислам на Русија, Кина и други делови од светот, мислам на Турција. Ние политички сме убедени дека Балканот е интегративен дел на ЕУ“, изјави Тајани за време на посетата на Северна Македонија каде одржа заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во обраќањето пред медиумите, тој рече дека земјите на Западен Балкан се европски и не може да ги гледаат Кина и други држави како нивни соговорници.
Видете и ова: Што треба да знаат граѓаните на Западен Балкан за новите правила за влез во ЕУ?Тој додаде дека „не треба да ја направиме грешката да исчезне сонот на илјадници млади кои гледаат на Европа како на нивна втора татковина“.
„Работиме и ќе работиме за Северна Македонија да биде ефективен член на Европската Унија во што е можно пократко време“, рече Тајани.
Тој со Муцунски разговарал за ставот на Владата на Северна Македонија за уставни измени со одложено дејство односно тие да се изгласаат сега, но да стапат на сила со влегувањето на земјава во ЕУ.
Вметнувањето на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот на Северна Македонија е услов за земјата да го продолжи пристапниот процес со ЕУ – да ја одржи втората меѓувладина конференција и да ги отвори првите поглавја.
Тајани не коментираше детално за оваа тема одговарајќи дека треба да се почекаат предлозите што ќе ги даде Северна Македонија.
„Ќе ги почекаме предлозите и формулациите на Република Северна Македонија. Мислам дека се дискутира на оваа тема, треба секако да се најде договор со Брисел, ние секако го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме да го поддржуваме пристапувањето на Република Северна Македонија во што поскоро време. Секако договарањето е помеѓу двајца. Северна Македонија испрати важни пораки за да одговори на барањата на Европа така што Северна Македонија ќе одлучи како да продолжи во директниот дијалог со Брисел“, рече шефот на италијанската дипломатија.
Муцунски, пак, рече дека тој не го дели ставот дека за одложена примена на уставните измени потребни се промени на преговарачката рамка и заклучоците од Брисел.
„Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени ниту на преговарачката рамка ниту на заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување. Јас, на пример, сум застапник на ставот е дека тоа може да се направи без никаква промена. Ние имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено и да ја заштитиме политиката на проширување врз основа на вредности и принципи“, рече Муцунски.
За ова потенцираше тој, разговарал и со неговите колеги од Австрија, Хрватска, Унгарија, Холандија…
Видете и ова: Сиљановска-Давкова со Муцунски и Љутков во петок во СофијаСпоред Муцунски, со одложената примена на уставните измени Владата прво го штити националниот интерес односно државата нема да биде повторно понижена и второ „се обезбедува пат кон полноправно членство врз основа на стандарди и критериуми“.
Шефот на дипломатијата на Северна Македонија ќе биде дел од делегацијата што ќе ја предводи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија во петок, 13 септември. Со нив ќе биде и министерот за култура, Зоран Љутков.
Засега нема официјална потврда дали и со кого од бугарските функционери се предвидени средби. Неофицијално, дел од медиумите во Бугарија и Северна Македонија пренесуваат дека извесно е оти в петок ќе се одржи и првата средба помеѓу Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев.