Соединетите Американски Држави (САД) и клучните европски сојузници го обвинија Иран за малигни активности што ја загрозуваат европската безбедност преку наводно снабдување на Русија со балистички ракети со краток дострел.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот британски колега Дејвид Лами официјално го обвинија Иран за трансфер на ракети. Блинкен најави и нови санкции против Техеран.
Тој, исто така, ја обвини Москва дека споделува технологија што ја бара Техеран, вклучително и нуклеарната технологија.
„Русија сега прими пратки од овие [ирански] балистички ракети и најверојатно ќе ги употреби во рок од неколку недели во Украина против Украинците“, рече Блинкен.
Видете и ова: Блинкен на состаноци во Лондон, во фокус војните во Украина и ГазаГерманското Министерство за надворешни работи потоа го прозва Иран поради неговата поддршка за руската воена агресија истакнувајќи дека како резултат на тоа, иранските ракети би можеле да го погодат и европското тло.
Оттаму споделија заедничка германска, француска и британска изјава во која се осудува транспортот на ракети и наведуваат дека тоа е „ескалација и од Иран и од Русија и е директна закана за европската безбедност“.
На 9 септември Техеран силно ги отфрли обвинувањата дека и испорачувал такво оружје на Русија.
Експертите се согласуваат дека таквите проектили би можеле да бидат поттик за воените напори на Москва во соседна Украина, која веќе има корист од набавките на беспилотни летала.
Поддршката на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија е една од главните теми на разговор за време на посетата на Блинкен на Лондон, која вклучува и средба со британскиот премиер Кир Стармер.
Потврдувајќи ја континуираната американска и британска помош за Украина, Блинкен и Лами најавија дека ќе отпатуваат во Украина оваа недела во, како што рече британскиот министер, „прва заедничка посета од ваков вид во повеќе од една деценија“.
„Ова е загрижувачка акција што ја гледаме од Иран“, рече Лами.
Тој порача дека САД и Обединетото Кралство се „целосно координирани околу потребата да се решат злонамерните активности на Иран во регионот и пошироко“, како и дека го сметаат Техеран за одговорен за поткопување на глобалната стабилност.
Блинкен рече дека наводното снабдување на Русија со балистички ракети со краток дострел од страна Иран им дава дополнителна способност и флексибилност на руските сили и ќе им овозможи да користат повеќе оружје со краток дострел во тековната војна против Украина.
Блинкен не наведе дека ќе има некаква промена во снабдувањето со воена или друга американска помош за Украина, но вети дека САД „внимателно ќе ги слушаат“ потребите и барањата на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и голем број членки на НАТО ги охрабрија сојузниците на Киев да ги укинат ограничувањата за тоа како и каде украинските сили можат да го користат оружјето што Западот и го испорачува на Украина.
Видете и ова: Каква корист ќе има Иран од извозот на балистички ракети во Русија?На 9 септември, Европската унија ги оцени како „веродостојни“ информациите обезбедени од сојузниците дека Иран доставил балистички ракети со краток дострел на Русија за да и помогне на Москва да ја води војната во Украина и навести дека ќе има „брз“ одговор од Брисел.
Соопштението дојде откако Кремљ не ги негираше директно ваквите информации и наместо тоа ја истакна својата соработка со Техеран во „најчувствителните области“. Иран, пак, „остро го отфрли“ тврдењата за снабдувањето со ракети на Москва.
„Силно ги отфрламе тврдењата за улогата на Иран во извозот на оружје на една од страните во војната“, рече на прес-конференција портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канани, на 9 септември.
Портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател изјави дека САД се „неверојатно вознемирени од извештаите за трансфер на ирански ракети во Русија“.