Словенија во последен момент го промени името на својот кандидатот за иден еврокомесар, поради што за една недела е одложено претставувањето на новата Европска комисија (ЕК).
Во понеделникот (9 септември) Словенија ја номинираше Марта Кос, поранешна амбасадорка во Германија и Швајцарија. Овој предлог е во полза на целта на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за порамномерна родова застапеност во идната Комисија.
До понеделник, словенечкиот кандидат беше од машки пол.
Заедно со Марта Кос меѓу кандидатите за идни комесари во новиот состав на ЕК сега има 11 жени и 16 мажи, што сè уште е далеку од најавената цел дека ќе има родова рамнотежа.
Урсула фон дер Лајен требаше да ги претстави кандидатите за идни комесари и ресорите што им ги додели во среда на 11 септември.
Видете и ова: Фон дер Лајен доби втор мандат, ЕУ центристите добија привремено засолништеНо, овој план се пролонгира за следната среда, 18 септември, зашто словенечкиот парламент треба да ја потврди Марта Кос како официјален кандидат од Љубљана.
Портпаролот Ерик Мамер изјави дека во петок, на 13 септември, словенечкиот парламент ќе го даде своето мислење за предложената кандидатка за функцијата комесар и дека дури по овој чекор номинацијата на кандидатот од Словенија ќе биде официјална.
Прес-службата на Европскиот парламент (ЕП) соопшти дека поради промени во листата на кандидати, Европската комисија побарала парламентот да го одложи претставувањето на новиот состав на Комисијата.
Европскиот парламент го има крајниот збор во назначувањето на новите комесари откако тие ќе бидат сослушани во соодветните комисии во зависност од ресорот што ќе им биде доделен.
Секоја комисија ја оценува стручноста на кандидатот и оценката ја испраќа до претседателот на парламентот.
За изгласување на еврокомесарите потребно е апсолутно мнозинство од Европскиот парламент, што значи 50 отсто плус еден.
Видете и ова: Анализа: Отпакување на резултатите од изборите за Европскиот парламентДоколку кандидатот не го добие потребниот број гласови, земјите-членки мора да предложат друг кандидат во рок од еден месец.
Негативната оценка од комисијата каде се прави сослушувањето може да ги натера кандидатите сами да се повлечат од процесот, како што се случувало и претходно.
По изборите во 2019 година, Европскиот парламент отфрли две кандидатури за еврокомесари, а потоа европратениците побараа од претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, да предложи нови имиња.