Вечер (10 септември) по американско време, а утре по македонско, ќе се одржи дебата меѓу демократската потпретседателка Камала Харис и републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп.
Сцената во Националниот уставен ценар во Филаделфија е поставена за она што би можело да биде клучен момент во кампањата што води до победа на претседателските избори во САД на 5 ноември.
„Ова ќе биде интервју за работа на Камала Харис“, изјави синоќа за дебатата коментатор на Си-Ен-Ен.
„И покрај нападите и очекуваните лаги од Трамп, Камала треба да се покаже пред американската јавност за да ја добие работата“, додава тој.
Видете и ова: Балоните паднаа, Конвенцијата заврши, сега почнува тешкиот дел за ХарисДвајцата кандидати никогаш не се сретнале, ниту разговарале по телефон, но утре ќе стојат на кратко растојание еден од друг на сцената во Националниот уставен центар. Двајцата ќе разменуваат критики 90 минути додека одговараат на прашања поставени од двајца водители на „Еј-Би-Си њуз“, и во сала без публика.
Десетици милиони Американци веројатно ќе ја гледаат дебатата меѓу двајцата претседателски кандидати, која би можела да биде единствената во кампањата.
Анкета на „Си-Ен-Ен“ покажува дека Харис е за само еден процентен поен пред Трамп. Останатите национални анкети укажуваат на тесна трка со неизвесен крај, па затоа дебатата е важна - двајцата треба да се покажат во најдобро светло за малиот број гласачи кои се уште не решиле за кого ќе гласаат.
Дебатата се одржува осум недели пред официјалниот ден на изборите, но само неколку дена пред почетокот на предвременото гласање во некои од 50-те држави во земјата.
Засега само уште една дебата е закажана пред изборите.
Кандидатите за потпретседател на САД, Тим Валц демократ и Џеј Ди Венс републиканец, ќе се соочат на 1 октомври во Њујорк на дебата модерирана од „Си-Би-Ес њуз“.