Србија и Кина ги зајакнуваат врските, беше истакнато на средби во Белград

Секретарот на Комитетот на Комунистичката партија на Кина на провинцијата Шандонг Лин Ву и претседателката на Собранието на Србија Ана Брнабиќ, Белград, Србија, 9 септември 2024 година.

Србија и Кина продолжуваат да го зајакнуваат стратешкото партнерство, соопштено е по средбите на претседателот Александар Вучиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ со кинескиот претставник во Белград.

„Разговаравме за најважните прашања од билатералните односи и за бројни аспекти од стратешкото партнерство на двете земји“, рече Вучиќ по средбата со секретарот на Комитетот на Комунистичката партија на Кина од провинцијата Шандонг, Лин Ву.

Тој истакна дека посебна тема на разговор биле актуелните проекти за брзи патишта и планови за развој и модернизација на инфраструктурата во секторите патен и воздушен транспорт.

Соработката меѓу Србија и Кина се зајакнува и во областа на образованието, науката, истражувањето и развојот, изјави претседателката на Народното собрание на Србија по разговорот со кинескиот претставник и се заблагодари за ставот за Косово. Кина не ја призна независноста на Косово.

Видете и ова: Може ли Вучиќ да биде надигран во балансирањето?

Лин Ву истакна дека „во Србија е забележлив голем развој“ и дека тоа отвора нови полиња за соработка меѓу Србија и Кина, беше соопштено по средбата.

Србија ги зајакнува односите со Кина откако на власт дојде Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ во 2012 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг го посети Белград во мај, на 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград, што беше негова втора посета во последните десет години.

Кина и Србија, која повеќе од една деценија е кандидатка за членство во Европската унија, во 2016 година потпишаа декларација за стратешко партнерство на двете земји.

Седум години подоцна, Пекинг и Белград потпишаа договор за слободна трговија.

Во последниве години, Кина направи бројни инвестиции во Србија, од кои најголеми се во фабриката за железо и челик Смедерево, рударството и топилницата Бор и фабриката за гуми Линглонг во Зрењанин.

Во Србија, Кина го изгради белградскиот мост Пупин на Дунав, дел од автопатот Милош Велики и ја реконструираше термоцентралата Костолац.