Денес се навршуваат три години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.
Во Основен суд Тетово се водеше судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.
Првата беше условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Видете и ова: Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологијаСудот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка.
Во првостепената пресуда за директорите беше изречена казна затвор од по една година и шест месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
Во меѓувреме Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави сторија со која ги откри недоследностите при креирањето на обвинителниот акт и вештачењата за причината за пожарот.
Во време на пожарот Министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.
Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Денеска на својот фејсбук профил портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски истакна дека само кабелот останал крив за несреќата.
„Три години кабелот е крив за тоа што корумпираниот Менгеле на пациенти тестираше запалливост на пурпена. Денес кога Венко опкружен со неколкумина ќе упати патетика, сетете се дека истите организираа аплаузи за да му обезбедат неказнивост.“, напиша Стоилковски.
Видете и ова: Протест на семејствата на загинатите во модуларната болница - „Корупцијата убива“Филипче пак во неодамнешно интервју за неделникот „Фокус“ одговарајќи на прашањето дали, според него, судскиот процес даде одговори на сите прашања и дилеми, рече дека само Судот е тој што може да ги даде одговорите, при што посочи дека во овој период кога имало низа обвинувања на негова сметка не влегол во конфронтација, туку ги чекал судските одлуки.
„Од оваа позиција на која сум сега, би било крајно неумесно било што во тој поглед да коментирам. Знам само дека мојата совест е чиста. Јас и мојот тим вложивме натчовечки напори да се спасат што поголем број луѓе, работевме дење и ноќе. Како лекар и хирург, човечкиот живот за мене нема цена и никогаш не би ризикувал ничиј живот за ништо на светот “, рече Филипче.
На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.