Се одбележуваат 33 години од независноста на државата

Илустрација

Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска се одбележува Денот на независноста - 8 Септември.

Пред 33 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.

„Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот што го организираше во Законодавниот дом по повод 8 Септември - Денот на независноста, завчера порача дека не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност.

Собранискиот спикер нагласи дека секој има своја заслуга и свој придонес за овие достигнувања, посочувајќи оти не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти.

„Како и да е Северна Македонија во својот 33 роденден е земја-членка на најмоќната безбедносна Алијанса како што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници што е исклучително важно за секој проект додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба како што е Европската унија“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Видете и ова: Се бара начин осудените за „крвавиот четврток“ да излезат од затвор?

Денеска по повод празникот свечена академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје.

Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.

На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите - 8 Септември, празникот на нашата независност, напиша премиерот Мицкоски на својата Фејсбук страница по повод Денот на независноста.

„Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина. Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме!“, напиша Мицкоски.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста, во која посочува дека е време силата и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.

„Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок, вели Филипче.

Активностите стартуваа синоќа со почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје.

На свеченост во Собранието вчера на спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, му беше доделана годинашната награда за животно дело „8 Септември“. Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.

Покрај Костовски, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ им додели признанија за остварувања во областа на спортот и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Зоран Бошковски и Димитар Јованов.