ЦИА и МИ6 заеднички објавија дека работат на враќање на мирот во Газа

Илустрација

Шефовите на американската ЦИА и британската МИ6 заеднички објавија дека овие разузнавачки агенции континуирано работат на прекин на огнот во Појасот Газа и бараат решение за враќање на мирот.

Вилијам Барнс, директор на ЦИА и Ричард Мур, шеф на британската агенција за надворешни разузнавачки информации МИ6, рекоа дека организациите ги користат нивните разузнавачки канали за силно да поттикнат ограничување на војната и деескалација.

Тие дадоа изјави за лондонски Фајненшл Тајмс во форма на заедничко интервју, што е нетипично за разузнавачката заедница.

„Примирјето во војната меѓу Израел и Хамас може да стави крај на страдањата и ужасните загуби на животи на палестинските цивили и да ги врати дома заложниците на Хамас по единаесет месеци пеколно заробеништво“, рекоа Барнс и Мур, како што објави Асошиејтед прес.

Американската агенција потсетува дека Барнс во голема мера бил вклучен во напорите за прекин на борбите меѓу Израел и палестинскиот Хамас, кој Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) ги сметаат за терористичка организација.

Видете и ова: Во Газа е повеќе од катастрофално, предупредуваат Обединетите нации

САД и Велика Британија се цврсти сојузници на Израел, иако Лондон прекина дел од извозот на оружје за Израел во изминатата недела.

Брнс и Мур заеднички ја истакнаа важноста на силни трансатлантски односи во време на, како што рекоа, голем број закани, вклучувајќи ги Русија, Кина и тековната закана од меѓународниот тероризам.

Двајцата највисоки американски и британски разузнавачи потсетија дека ЦИА и МИ6 декласифицирале информации за рускиот план за напад на Украина.

„Видовме дека доаѓа и можевме да ја предупредиме меѓународната заедница“, велат тие.

Вилијам Брнс и Ричард Мур процениле дека модерната воена опрема испорачана на Украина му дала можност на Киев да го промени текот на војната.