Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на средбата со премиерот на Италија, Џорџо Мелони, побара поголема воена помош за Украина погодена од руската воена инвазија.
Како што соопшти Владата на Италија, на билатералната средба на маргините на економскиот форум во Чернобио кај Милано, се разговарало за итните потреби на Украина во пресрет на зимата во услови на континуирани руски напади врз цивилното население и инфраструктурата.
„Мелони повтори дека поддршката за Украина е приоритет на италијанското претседателство со групата Г7 на најразвиените земји и ја потврди посветеноста на легитимната одбрана на Украина и праведен и траен мир“, соопшти италијанската влада на 7 септември.
Се додава дека посебно внимание се посветува на конференцијата за обнова на Украина, која ќе се одржи во Италија во 2025 година.
Италијанските медиуми објавија дека Зеленски го повторил барањето Украина да добие дозвола од Западот да ја таргетира Русија со ракетите што ги добива од нејзините сојузници.
Еден ден пред средбата со Мелони, Зеленски на самитот во Германија ги повика лидерите на западните земји да му дозволат на Киев да гаѓа цели длабоко на руска територија.
„Треба да ја имаме таа можност, за Русија да биде принудена да бара мир“, рече Зеленски на Контакт групата за одбрана во воената база Рамштајн на 6 септември.
Видете и ова: Пожар во складиште за оружје поттикна евакуација во рускиот регион ВоронежОдбранбената група со која Зеленски се сретна во Рамштајн се состои од околу 50 земји кои ја снабдуваат Украина со оружје.
Состанокот се одржа во времето на офанзивата на украинската армија врз руската област Курск, додека Соединетите Американски Држави (САД) остануваат на цврст став за ограничување на употребата на ракети со долг дострел доставени до Украина.
Канадскиот министер за одбрана Бил Блер рече дека ќе го поддржи предлогот на Зеленски и ги повика другите да го сторат тоа.
Во Германија, Зеленски изјави дека оружените системи што ги вети Западот не пристигнуваат доволно брзо и дека има значителен број неиспорачани системи за противвоздушна одбрана.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус најави дека оружјето за противвоздушна одбрана „Патриот“ ќе мора да биде доставено во Киев за да може да ја брани електричната мрежа и другата инфраструктура во зима.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин во Германија најави дека САД ќе испратат дополнително оружје во вредност од 250 милиони долари во Украина.