Свечен прием во Собранието по повод Денот на независноста

Прием во Собранието по повод 8 Септември - Денот на независноста, на 6 септември 2024

Во македонското Собрание, денеска (6 септември), се одржа прием по повод 8 Септември - Денот на независноста.

Претседателот на Законодавниот дом, Африм Гаши, пред присутните истакна дека на овој ден се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и во сигурни патишта кон подобра развојна и евроатланстска перспектива.

Дел од присутните на приемот во Собранието

Собранискиот спикер нагласи дека секој има своја заслуга и свој придонес за овие достигнувања, посочувајќи оти не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти.

„Северна Македонија во својот 33-ти роденден е земја-членка на најмоќната безбедносна Алијанса како што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници што е исклучително важно за секој проект додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба како што е Европската унија, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

На приемот присуствуваше претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, како и претставници на верските заедници, армијата, поранешни претседатели на Собранието, пратеници, министри, претставници на дипломатскиот кор.