Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, апелираше за повеќе оружје од неговите западни сојузници, на 6 септември, додека Вашингтон најави дека ќе обезбеди дополнителна воена помош од 250 милиони долари за Киев.
Говорејќи на собирот на украинската одбранбена контакт група во воздухопловната база Рамштајн во Германија, Зеленски, исто така, ги повика сојузниците да и' дозволат на Украина да го користи оружјето што тие го дале за да нападне подлабоко во Русија - нешто на што САД се спротивставија поради загриженост дека може дополнително да ескалира војната.
„Ние треба да ја имаме оваа способност за долг дострел, не само на поделената територија на Украина, туку и на територијата на Русија, така што Русија е мотивирана да бара мир“, рече Зеленски на состанокот со највисоките американски воени лидери и повеќе од 50 земји партнери, пренесува Ројтерс.
Видете и ова: Најмалку петмина ранети во руските напади врз Украина„Треба да ги натераме руските градови, па дури и руските војници да размислуваат за тоа што им треба: мир или Путин“, рекол Зеленски во говорот на собирот, организиран од американскиот Секретар за одбрана, Лојд Остин. Говорот е објавен на официјалниот веб сајт на претседателот Зеленски.
Руските сили постигнаа придобивки во источна Украина околу градот Покровск, клучен центар за снабдување на украинската војска. Воените придобивки на Москва продолжија и покрај ненадејниот прекуграничен упад на украинските сили во рускиот регион Курск минатиот месец.
Киев тврди дека украинската војска зазела околу 1.300 километри руска територија и убила или ранила околу 6.000 руски војници.
Асошиетед прес (АП) цитираше американски Официјален претставник на одбраната, кој сакаше да остане анонимен, велејќи дека се очекува помошта да вклучи муниција за прецизни ракетни фрлачи ХИМАРС, артилериски гранати и противтенковско и противвоздушно оружје.
Од 2022 година, земјите-членки на Контакт групата за одбрана на Украина заедно обезбедија околу 106 милијарди долари безбедносна помош за Киев. Според Пентагон, САД, најголемиот поддржувач на Украина за време на конфликтот, обезбедија повеќе од 56 милијарди долари од тој вкупен износ.