Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, денеска (6 септември), изјави дека Србија го повлекла писмото во кое изразува резервираност за Договорот на патот кон нормализација на односите со Косово, испратено до Брисел минатата година.
Тогашната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, во декември минатата година испрати писмо до ЕУ во кое Србија изразува резервираност во однос на Договорот за патот кон нормализирање на односите, постигнат во Брисел и Анексот за спроведување на договорот, што беше договорено во Охрид.
Таа во писмото наведува дека договорот се смета за „прифатлив само во контекст кој не се однесува на де факто и де јуре признавањето на Косово“. Лајчак по средбата со вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, во Приштина изјави дека писмото е повлечено и дека договорот се уште важи.
Тој додаде и дека одвреме навреме се слушаат изјави кои не помагаат за негово спроведување.
„Не, Охридскиот договор е правно обврзувачки и работиме на негова имплементација. Ниту една страна не се повлече од овој договор и разговараме со Косово и Србија како да го забрзаме неговото спроведување“, рече Лајчак.
Договорот од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а Приштина и Белград се обврзани да ги спроведат сите претходни договори постигнати за време на дијалогот.
Видете и ова: Без успех заврши средбата на преговарачите на Косово и Србија во БриселМинистерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, на прашање за коментар на изјавата на Лајчак, рече дека била на средба со турскиот колега, кога специјалниот претставник на ЕУ рекол дека Србија го повлекла писмото на Ана Брнабиќ и дека таму немало конкретни информации за тоа.
„Мислам дека господинот Лајчак зборува за делумно повлекување на тоа писмо на поранешната премиерка Брнабиќ, кое, сепак, не се откажува од непризнавањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, што за нас е целосно неприфатлив пристап“, рече Гервала.
На средбата во Приштина со Бислими, кој е и главен преговарач на Косово, Лајчак рече дека е постигнат договор за нова рунда дијалог на ниво на главни преговарачи, но не го прецизираше датумот на средбата.
Во 2013 година, во дијалогот за нормализација на односите во Брисел, Косово и Србија постигнаа договор за затворање на паралелните институции, но договорот се уште не е целосно имплементиран.