Откако американското Министерство за правда ги обвини соработникот на руската телевизија, Раша Тудеј (РТ), Дмитриј Сајмс и неговата сопруга, за кршење на санкциите, од Кремљ пристигнуваат обвинувања дека САД вршат неприфатлив притисок врз руските медиуми.
Ова се случува само еден ден откако САД обвинија двајца вработени во РТ и воведоа санкции против главниот уредник на медиумот финансиран од државата, обвинувајќи ги дека сакале да влијаат на претседателските избори во САД во 2024 година.
Помеѓу десетте физички лица и два субјекти санкционирани од Министерството за финансии се главната уредничка на РТ, Маргарита Симоновна Симонјан и заменичката Елизавета Јуриевна Бродскаја.
САД ја обвинија Русија дека се обидува да влијае на американските избори по трката меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Хилари Клинтон во 2016 година.
Видете и ова: Мета блокирала хакери поврзани со Иран, во пресрет на претседателската кампања во САДПо изборите во 2020 година, американските разузнавачки служби го обвинија Путин дека одобрил „операции за влијание“ чија цел е да влијаат на гласањето во корист на Доналд Трамп.
Американските власти постојано предупредуваа на напорите на странските сили, вклучително и Русија, да се мешаат во претстојните американски претседателски избори, во ноември.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека Русија не сака да се меша во претседателските избори во САД, пред новинарите изјави и дека Вашингтон се обидува да се осигура дека ставот на Москва за светските настани нема да биде достапен за јавноста.
„Вашингтон продолжува да се обидува да изврши притисок врз Русија, врз руските граѓани, па дури и врз руските медиуми, кои се ангажирани да ги информираат жителите на нашата земја и светската јавност за тоа што се случува, од наша перспектива. Вашингтон дури и не прифаќа дека треба да има опција да се примаат вести од наша перспектива. Ова не е ништо друго, туку очигледен притисок. Ние силно ја осудуваме оваа позиција како неприфатлива“, рече портпаролот на Кремљ.
Од Русија, според Ројтерс, беше најавено дека како одговор на потезите на Вашингтон против РТ и тие ќе возвратат.