„Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е повеќе од катастрофална“, предупредија Обединетите нации (ОН) вчера (5 септември).
Повеќе од милион луѓе во јужниот и централниот дел на Газа не добија ниту еден оброк во август преку хуманитарна помош, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.
„И покрај предизвиците со кои се соочуваме, ОН и другите хуманитарни организации продолжуваат да прават сè што е можно за да им ја обезбедат на Палестинците потребната помош за да преживеат“, рече тој.
Меѓу 19 август и крајот на месецот, 450.000 оброци, подготвени во 130 кујни секојдневно се доставуваа до семејствата низ Појасот Газа.
Поради новите наредби за евакуација издадени од израелските безбедносни сили, 70 кујни мораа да престанат со работа или да се преселат.
Се чини дека втор месец по ред нема да има доволно залихи за задоволување на потребите, што значи дека семејствата во централна и јужна Газа ќе добијат само еден пакет храна, јавува агенцијата ДПА.
Видете и ова: СЗО: Успешно заврши првата фаза од вакцинацијата против детска парализа во ГазаДујарик посочи дека по 11 месеци војна, на меѓународните медиуми сè уште им е забранет влез во Појасот Газа за да известуваат за хуманитарните последици.
На Западниот Брег, израелските сили продолжуваат да „користат смртоносни воени тактики“, рече Дујарик, повикувајќи се на извештаите на организацијата за итна помош на ОН, OCHA.
„Медицинските установи се практично под опсада повеќе од седум дена, со наметнати строги ограничувања за движењето на амбулантите и медицинскиот персонал“, додаде тој.
OCHA, исто така, предупредува дека ова ги продлабочува хуманитарните потреби на луѓето, како и несигурноста и предизвикува загриженост за прекумерната употреба на сила.
Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Појасот Газа во војната започната откако палестинската милитантна група Хамас, прогласена за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, започна напади врз Израел, на 7 октомври 2023 година, во кои загинаа повеќе од 1.200 луѓе.
Според здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, повеќе од 40.000 луѓе се убиени на палестинска територија од почетокот на војната.