Земјата во 2024 година ги доживеа најтоплите јуни и август, најтоплиот ден досега и најжешкото лето досега, велат од европската служба за климатски промени „Коперник'.
Тие денеска (6 септември) истакнаа дека ова лето било најтопло на северната хемисфера досега. Просечната глобална температура од јуни до август 2024 година беше највисока досега, или 0,69 степени Целзиусови повисока од тримесечниот просек забележан во периодот од 1991 до 2020 година, забележува „Коперник“.
„Оваа низа рекордни температури ја зголемува веројатноста 2024 година да биде најтоплата година досега“, изјави заменик-директорката на Коперник, Саманта Бурџис.
Таа додаде дека температурите во иднина ќе бидат поинтензивни ако не се преземат итно мерки за намалување на стакленичките гасови.
Емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива се главната причина за климатските промени, пренесува Ројтерс.
Видете и ова: Скопска жега-тешко се живее на жешкоПросечната температура во Европа во текот на трите летни месеци беше највисока досега, со 1,54 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година. Со ова се надмина претходниот рекорд од 1,34 степени Целзиусови, поставен во 2022 година.
Според извештајот на Коперник, условите биле повлажни од просечните во Западна и Северна Европа. Додека пак, во поголемиот дел од медитеранскиот регион и во Источна Европа, условите биле посуви од просекот, што доведе до суша на некои места.
Од септември 2023 година до август 2024 година, просечната глобална температура била за 1,64 степени Целзиусови повисока од прединдустрискиот просек, покажуваат податоците на „Коперник“.