Уапсен таткото на тинејџерот осомничен за пукање во Џорџија

Полицијата пред училиштето во Виндер, Џорџија, САД на 4 септември 2024 година

Американските власти го уапсија Колин Греј, татко на 14-годишното момче обвинето за убиство на четири лица во средно училиште во американската држава Џорџија, на 4 септември.

Греј постариот е обвинет за убиство од небрежност, убиство и суровост кон деца, објави Бирото за истраги на Џорџија, пренесува Гласот на Aмерика.

Претходно, локалните власти најавија дека имаат намера да го гонат осомничениот за убиството, неговиот син Колт Греј, како возрасен, а не како малолетник.

Тој е осомничен дека го извршил нападот во средното училиште Апалачи во Виндер, во кој загинаа четири лица, двајца ученици и двајца наставници, додека други девет беа повредени.

Убиени се 14-годишниот Мејсон Шермерхорн и неговиот врсник Кристијан Ангуло и учителите Ричард Аспинвол (39) и Кристина Ирими (53), потврдуваат од бирото.

Пред повеќе од една година, полицијата добила онлајн закани за пукање во училиште и испрашала 13-годишно момче, но немало доволно основи да го уапси. Тоа е момчето што пукаше во училиштето во близина на Атланта, Џорџија.

Осум ранети ученици и еден наставник се во болница. Се очекува сите да преживеат, соопшти канцеларијата на окружниот шериф.

Тинејџерот кој пукаше е однесен во Регионалниот поправен дом за млади, но е обвинет за убиство и ќе му се суди како возрасен.

Вооружен со автоматска пушка, Греј почнал да пука во учениците во ходникот, откако учениците од неговиот клас одбиле да му ја отворат вратата за да се врати на часот по алгебра, изјави Лајла Сајарат, која присуствува на неговиот час.

Видете и ова: Четири лица убиени во училиште во Џорџија, напаѓачот е 14-годишен ученик

Напаѓачот неколку минути по пукотниците се соочил со двајца училишни полицајци и веднаш се предал и бил уапсен.

Подоцна ФБИ објави дека тинејџерот бил испрашуван по анонимни информации во мај минатата година дека се заканил дека ќе пука во училиште.

Окружната полиција го интервјуираше 13-годишното момче и неговиот татко, кој рече дека поседува ловечко оружје, но го држел под надзор. Тинејџерот негираше дека се заканувал некому преку Интернет.

Властите сè уште истражуваат како Греј дошол до оружјето што го испукал.

Оваа година имало 29 масовни убиства (најмалку четворица убиени), според базата на податоци на АП и УСА Тудеј, во кои животот го загубиле најмалку 127 луѓе.

Во средата навечер во Виндер, Џорџија се одржа бдение за жртвите, каде граѓаните запалија свеќи и се молеа.

Во изминатите две децении во САД имаше стотици престрелки во образовни институции, а најсмртоносната беше на Универзитетот во Вирџинија во 2007 година, кога беа убиени повеќе од 30 луѓе.