За време на официјалната посета на Северна Македонија, шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, порача дека очекува поголема поддршка од Скопје во борбата против ФЕТО.
Движењето ФЕТО е на проповедникот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за пуч во 2016 година и постојано бара екстрадиција на неговите приврзаници.
Покрај пораките дека Турција сака да се развиваат добрите односи помеѓу сите заедници во земјава, вклучително и турската, и желбите за зајакнување на економската соработка помеѓу Скопје и Анкара, Фидан на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, ги кажа и очекувањата за ФЕТО.
„Верувам дека новата Влада ќе има чувствителен пристап во областа на борбата против тероризмот, на чело со ФЕТО, бидејќи тоа не е закана само за Турција, туку и за сите земји каде што е присутна. Очекуваме Северна Македонија да даде помоќна поддршка во борбата против ФЕТО“, изјави Фидан кој е прв министер за надворешни работи што доаѓа во посета на Скопје по формирањето на новата Влада на крајот на јуни.
Видете и ова: Фидан: Турција ќе продолжи да поддржува компании да инвестираат во Северна МакедонијаФетулах Ѓулен, кој живее во САД од 1999 година, постојано негира дека неговото движење стои зад обидот за пуч во јули 2016 година.
Некогаш близок сојузник на Ердоган, проповедникот беше обвинет од турските власти дека стои зад обвинувањата за корупција против владата во 2013 година, кога актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган беше премиер.
Ердоган го обвинува Ѓулен дека се обидува да создаде алтернативна држава преку својата мрежа на училишта присутна на сите континенти.
Видете и ова: ФЕТО - бреме во македонско-турските односиВо акцијата по обидот за пуч во 2016 беа уапсени десетици илјади луѓе, повеќе од 140.000 отпуштени или суспендирани од нивните работни места и речиси 3.000 осудени на доживотен затвор.
Турција редовно бара од другите земји да ги екстрадираат следбениците на Ѓулен и се обиде да го стави тоа како услов за прифаќање на членството на Финска и Шведска во НАТО пред конечно да се откаже од тие барања.