Европската комисија (ЕК) потврди дека секоја од земјите од Западен Балкан, во рамки на реформските агенди од Планот за раст, ќе треба да се изјасни за нејзините намери за усогласување на својата надворешна политика со политиките на ЕУ.
„Усогласувањето со заедничката надворешна политика на ЕУ е вклучено, како специфична цел, во контекст на реформските агенди. Тоа значи дека земјите во реформските агенди ќе треба да објаснат како очекуваат овие мерки и мерките што планираат да ги преземат, да придонесат за прогресивно и континуирано усогласување кога станува збор за надворешната политика“, рече портпаролката на Комисијата, Ана Писонеро.
Србија е единствената земја од регионот на Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија, во согласност со одлуките на ЕУ како одговор на воената агресијата врз Украина.
Досега Брисел воведе 14 пакети со санкции против Русија.
Видете и ова: Муртезани очекува првите пари од Планот за раст на ЕК да стигнат во септемвриДругите земји од регионот, вклучително и Северна Македонија, се усогласија со сите одлуки на ЕУ во однос на Русија.
Усогласувањето не е предуслов за добивање пари од Планот за раст, но останува во фокусот на ЕК при одлучувањето за исплатите на парите кон државите од регионот.
Секоја земја од Западен Балкан е обврзана да креира реформска агенда, а усвојувањето на агендите ќе се врши со одлуката на Европската Комисија.
„Пред тоа да се случи, очигледно ќе се консултираме со земјите-членки. Значи, ова допрва треба да се случува. Проценката е во тек. Знаете дека добивањето финансиска поддршка ќе зависи од успешното спроведување на реформите, кои ќе мора да се договорат со Европската комисија“, изјави Писонеро.
Реформите се однесуваат на социо-економската област и основните вредности, вклучително и надворешната политика.
Во текот на оваа есен се очекуваат првите трансфери на пари во рамки на Планот за раст.
Видете и ова: Самит на лидерите од регионот и ЕУ: „Секој треба да ја заврши својата работа“Ова претставува најамбициозниот пакет на Европската унија за регионот, кој има за цел да ја удвои економијата во земјите од Западен Балкан во следните десет години.
Планот за раст за Западен Балкан го опфаќа периодот 2024 – 2027. Планирано е да се обезбедат шест милијарди евра за земјите од регионот.
Од оваа сума, две милијарди евра се во форма на грантови односно бесповратни средства, а останатите четири милијарди се заеми со поволни рати.