Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи поранешниот еврокомесар Мишел Барније за премиер, соопшти Елисејската палата.
Барније (73) доаѓа на премиерската функција на Франција речиси два месеци по одржувањето на француските парламентарни избори, по кои Макрон неколку недели бараше соодветен кандидат.
Во соопштението од Елисејската палата се наведува дека Барније добил задача да формира влада на единство која ќе и служи на земјата и на францускиот народ.
„Именувањето следува по досега невидена серија консултации на кои, во согласност со неговите уставни обврски, претседателот се погрижи премиерот и идната влада да ги исполнат сите услови за да бидат што е можно постабилни и да добијат можност да создадат што е можно пошироко единство“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Екстремните десничари поразени на француските избори, но Франција останува поларизиранаМакрон и неговите советници бараа кандидат кој би можел да ја добие поддршката од претставници на различни пратенички групи во парламентот, а со тоа да ја спречат опозицијата брзо да ја собори новата влада.
Барније беше главен преговарач на ЕУ во времето на Брегзит и излегувањето на Велика Британија од Унијата, во периодот од 2016 до 2021 година.
Важи за влијателна личност во Републиканската конзервативна партија и зад себе има повеќедецениска политичка кариера.
Тој беше министер за екологија во мандатот на претседателот Франсоа Митеран, министер за надворешни работи во времето на Жак Ширак и министер за земјоделство во мандатот на претседателот Никола Саркози.
Во два наврати беше и еврокомесар за регионална политика и внатрешен пазар.