Рускиот претседател Владимир Путин денеска (5 септември) излезе со уверување дека упадот на украинската војска на руска територија не влијаел на таканаречената „специјална воена операција“ на Москва, фраза што Кремљ ја користи за да ја опише својата војна против Украина.
Во говор на Источно-евроазискиот форум во рускиот град Владивосток, Путин посочи дека со испраќањето војници во рускиот регион Курск, Украина ги ослабнала своите сили во нејзиниот источен регион Донбас, каде руските сили постигнаа видлив напредок во последните денови.
„Целта на непријателот беше да не натера да бидеме нервозни, да се збуниме, да ги преместиме нашите војници од една локација на друга и да ја запреме нашата офанзива во клучните правци, пред сè во Донбас. Дали непријателот успеа да го стори тоа? Не, не успеа ништо“, рече Путин.
Видете и ова: Новиот руски национален проект фокусиран на „бесмртноста“Путин тврди дека руските сили „ја стабилизирале ситуацијата и почнале постепено да го туркаат непријателот од териториите долж границата“ откако претходно украинските сили напредуваа на руска територија поради ненадејниот упад на почетокот на август.
„Со испраќањето на своите доволно големи и добро обучени единици во пограничните области, непријателот се ослабна на клучните фронтови, додека нашите трупи ги забрзаа своите офанзивни операции“, додаде рускиот претседател.
Како резултат на упадот, Киев тврди дека презел контрола на повеќе од 1.200 квадратни километри руска територија.
Во меѓувреме, руските сили постигнаа значителни придобивки во нивните обиди да го освојат стратешки значајниот град Покровск во источниот украински регион Доњецк.
Видете и ова: Прага ја поддржува украинската одбрана на руска територија, но признава дека постојат „дилеми“Во интервју за американската телевизија Ен-би-си, објавено неделава, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави на Украина не и е потребна руска територија, но оти целта на украинскиот упад во Курск била да се заземат руска територија и војници кои во иднина би се користеле за размена со Кремљ.
Русија во моментов окупира делови од украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, а во септември 2022 година илегално ги анектираше како дел од Русија. Обединетите нации, пак, сите четири региони и понатаму ги сметаат како дел од Украина.