Владата го објави јавниот повик за доделување пари на општините за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински на заедничка прес-конференција на 5 септември.
Владата вкупно планира да одвои 250 милиони евра, а со денешниот прв јавен повик се ставаат на располагање 100 милиони евра.
„Свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции“, рече Мицкоски.
Општините, како што рече министерот Перински, може да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Видете и ова: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџетиТој појасни дека рокот за повикот објавен денеска (5 септември) е седум дена во кои општините може да ја пополнат апликацијата и заедно со предлог-проектите да ги достават до Министерството. Потоа, ќе имаат уште десет дена за да ја достават целосната документација, а извршната власт (министерствата) ќе врши евалуација на проектите и ќе достави предлог-одлука до Владата кои од проектите да се финансираат. Парите ќе се делат преку шест министерства: за култура и туризам, за транспорт, за социјална политика, за образование и наука, за животна средина и за спорт.
„За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства“, рече Перински.
Овој проект беше едно од ветувањата во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај.
Општините досега во голема мера беа зависни од парите кои доаѓаат од централниот буџет. Според една анализа на Фајнанс Тинк во просек 76 денари од вкупно 100 денари расположлив буџет на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. Од вкупно 80 општини 54 спаѓаат во групата на зависни општини од централниот буџет.