Комитетот за заштита на новинарите загрижен поради новите правила за медиумите во Казахстан

Касим-Жомарт Токаев, претседател на Казахстан

Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) изрази загриженост поради неодамнешните промени во прописите за акредитација на домашните медиуми во Казахстан и предложените измени во акредитацијата на странските медиуми, велејќи дека тие може да се искористат за задушување на независните медиуми.

„Новите и предложените измени на регулативите за акредитација на Казахстан се прекумерни и отвораат премногу врати за цензура. Наместо поголема отвореност што ја вети претседателот на „Новиот Казахстан“ (Касим-Жомарт Токаев), тоа што навистина го добиваат новинарите е се поголема државна контрола ", изјави Гулноза Саид, програмски координатор на CPJ за Европа и Централна Азија.

Промените што ги регулираат домашните медиуми во Казахстан, што стапија на сила минатиот месец, дозволуваат на новинар да му биде одземена акредитацијата на шест месеци доколку двапати не ги почитува правилата на информативни настани, што потенцијално може да вклучи и поставување прашања надвор од темата.

Исто така минатиот месец, казахстанската влада предложи регулативи за странски медиуми што ќе му овозможат на Министерството за надворешни работи да ја одбие или одземе акредитацијата за какво било прекршување на казахстанскиот закон, вклучително и за помали „административни“ прекршоци.

Видете и ова: Седум години затворска казна за новинар во Казахстан

Законот за медиуми кој стапи на сила во јуни веќе им забранува на странските медиуми неакредитирани новинарски активности.

Домашни и меѓународни групи за човекови права и медиумски експерти изразија загриженост за законот, велејќи дека тој ќе го компромитира независното новинарство и ќе доведе до самоцензура во строго контролираната поранешна советска република.

Во друга одредба од законот потпишан од Токаев на 20 јуни се вели дека сите интернет - ресурси се сметаат за медиуми.

Меѓу другото, законот воведува тригодишен рок за поднесување тужби поради материјали објавени во медиумите.

Во 2024 година, Казахстан падна од 134 место на 142 место во индексот на печатот на Репортери без граници, организација која ја следи слободата на медиумите ширум светот.

Меморијалниот комплекс и музеј Алжир се наоѓа во селото Акмол, на околу 40 километри од Астана, главниот град на Казахстан.