Германска компанија ќе отвори фабрика за литиум-јонски батерии во Северна Македонија

Владини претставници на почетокот на градба на фабриката во ТИРЗ Скопје

Германската компанија БМЗ Груп, која се занимава со производство на литиум-јонски батерии, ќе отвори фабрика во Северна Македонија.

Денеска, 4 септември, во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје претставници на компанијата, премиерот Христијан Мицкоски и други владини функционери го одбележаа почетокот на градба на фабриката.

Како што беше презентирано, германската компанија ќе инвестира околу 65 милиони и како што рече Мицкоски, се очекува да вработи околу 700 луѓе.

„Од разговорот можам да кажам дека во првите години ќе имаме до 35-40 милиони евра максимум 60 милиони евра извоз во првите три години. Понатаму, тој може да достигне и до 130, па и повеќе милиони евра, нешто што позитивно ќе влијае за нашата македонска економија“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Данокот на профит не е клучен за привлекување странски фирми

Преговорите за инвестицијата на БМЗ Груп започнаа во време на претходната влада на СДСМ. Во септември лани во Франкфурт, поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи и тогашниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски потпишаа договор со германската компанија.

Тоа беше и причина вчера и денеска, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно да се прозиваат околу тоа кој ја донел и кој позаслужен за новата инвестиција.